(…)

Триумфалната порта стои, но бројчаникот ниту се постави, ниту има абер од негово поставување. Реформите во судството се сведоа на мега афери од типот „Рекет 1, 2 и 3“, а државата доби независно судство кое е независно единствено од опозицијата и ослободено од умот, логиката и законот. Безидејноста комбинирана со грешни кадровски решенија, зачинети со самобендисаност и „лоповлук“ резултираа со губење на довербата на огромен број, пред се неопределени гласачи, но и бројот на разочараните партиски симпатизери не е за потценување. Погрешниот ПР доведе до тоа секој час изговореното наново да се толкува, објаснува и дообјаснува.

Опозицијата пак се пазари за личните и партиските интереси, продавајќи ги своите пратенички гласови по цена постигната во непосредна спогодба во четири очи. Забораваат и едната и другата политичка партија дека се таму каде што се по волја на гласачите и нивните гласови, се расфрлаат со нивните пари, се возат со автомобилите купени со народни пари, плаќаат во кафеаните со народни пари и од нив земаат плата. Но забораваат дека покрај правата имаат и обврски, а една од основните е отчетноста. Договорите во четири очи, пазарење со законски решенија и правдата зад затворени врати меѓу две партиски групи не е отчетност.

И додека едната и другата партија се борат како пеливани на политичката полјанка наречена Македонија третите мудро молчат, ќаруваат и мешетарат играјќи се со националните интереси на малцинствата секогаш кога тоа ќе им потреба за политички поени. Тие се како партија вечно во власта и незаменливи се, максимално искористувајќи го Бадентер и својот народ над кого кобајаги бдеат заради негово подобро утре, а во суштина ги ползуваат своите лични и партиски интереси….“

Извадок од колумната на адвокатот Ѕвонко Давидовиќ за „Независен“

SHARE