Адвокатот Звонко Давидовиќ вели дека објавувањето на записникот од исказот на Орце Камчев пред Јавниот обвинител даден на 2 мај на на еден портал само покажува колку е порозно и некадарно обвинителството.

Обвинителството денеска се јави со соопштение во кое објасни дека тоа е кривично дело и може да наштети во истражната постапка на целиот случај.

Давидовиќ за Пресинг Тв појаснува дека Обвинителството се повикало на членот 369 од Кривичниот законик, кој се однесува на поовреда на тајноста на постапката. Членот вели: Тој што неовластено ќе го открие она што го дознал во постапка пред суд или во управна, прекршочна или дисциплинска постапка, што со закон или со одлука на судот или органот што ја води дисциплинската постапка е прогласено како тајна, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.

Ова не е прв пат да протекуваат документи или докази од предметите на ова Обвинителство, па дури протекувале и посебни истражни мерки и снимки. За тоа до сега не одговараше никој. Тоа загрижува и покажува дека Обвинителството не е на висина на задачата и не е во состојба да ја обезбеди тајноста на истражната постапка и прекршувањето да го санкционира, вели Давидовиќ.

Ако на ова, според него, се додаде и спороста со која Обвинителството ја води постапката, се добива еден лош впечаток и се отвора поле за шпекулации.

Јавноста е исклучително заинтересирана за овој скандал, а ОЈО е нетранспарентно во своето работење, па сето тоа буди уште поголема љубопитност за случувањата, а што води кон обиди за добивање на квалитетни и вистинити информации, кои ќе се објават како ексклузива. Посебно е прашањето околу тоа кој го дал записникот, кој за тоа има интерес и корист.

Најавувајќи тужба против новинарот, премиерот Зоран Заев ги повика и другите негови колеги, кои се споменуваат во текстот, да го сторат тоа.

SHARE