Де Моншелан: Новата методологија сè уште не гарантира преговори со Македонија во март

Француската државна секретарка за европски прашања Амели де Моншален на прес–конференција во Брисел изрази увереност дека методологијата што ќе ја објави Европската комисија в среда ќе биде задоволителна за Франција, но сѐ уште не гарантира отворање на преговори со Македонија и со Албанија во март, јави дописникот на МИА.

Франција инсистира новата методологија да вклучува четири клучни принципи: реверзибилност, политичко управување со процесот, постепеност и конкретност. Според дипломати во Брисел запознаени со нацртот на ЕК, овие барања на Париз ќе бидат задоволени. Потоа земјите членки ќе треба во текот на следниот месец да ја прифатат оваа нова методологија и да одлучат дали даваат зелено светло за почеток на преговори со Македонија и со Албанија.

Француската државна секретарка за европски работи вели дека не може да каже сега која ќе биде позицијата на Франција сѐ додека не се објави реформата на процесот, како и извештајот на Европската комисија за реформите во земјите, кој се очекува исто така во март.

„Треба да има договор меѓу земјите членки, да биде одобрено, да се осигуриме дека во извештајот на ЕК во март дава позитивна дијагноза и да има вистински економски патоказ, а не судски и административен монопол во регион во кој сакаме да тежиме, мора да има конкретни економски предлози, инаку зборуваме за политика на сигнал како што ја нарекувам за да се чувствуваме добро морално, рече Моншален на прашање на МИА дали Франција ќе даде зелено светло за преговори доколку методологијата е задоволителна за Париз.

Моншален рече дека очекува „да има отворена дискусија со другите земји членки на оваа тема и да го види извештајот на Европската Комисија за реформите“, додавајќи дека „нема автоматизам“.