Денес обвинение за „Рекет“, еден од осомничените понудил спогодба

Обвинение за случајот „Рекет“ се очекува да подигне денеска обвинтелката Вилма Русковска која најави и барање за продолжување на мерката притвор за Боки 13, Катица Јанева и Зоран Милески – Кичеец.

Русковска синоќа потврди дека кај некој од осомничените имало интерес за склучување спогодба, но не сакаше да обелодени за кого станува збор.

„Вештачењата кои беа направени последни донесоа важни докази. Имаше интерес кај некои од осомничените за спогодба, не се поднесе официјално барање, но побараа спогодба. Ќе видиме што ќе биде“ .

Според неа, парите од „Рекет“ биле пуштени во промет „и затоа ќе има обвинение за перење пари“.

Обвинителката вчера отвори истрага против Меѓународниот сојуз како правно лице, но и против пет лица, меѓу кои и Бојан Јовановски (Боки 13), кој е претседател на Сојузот, пратеничката од СДСМ, Фросина Ременски, која е почесна претседателка на невладината на Боки 13, потпретседателката на невладината, Јасна Мандиќ и уште две лица.

„Донесовме наредба за истрага, само за оние лица за кои сметаме дека постои основано сомнение за сторени кривични дела, а понатаму каде ќе не однесе истрага не може да се знае однапред“, кажа Русковска.

SHARE