Професорот по меѓународно право Тони Дескоски тврди дека новото име на македонската држава било „за навек“, бидејќи „западниот свет вложи многу напор за да ни го смени името“, па секаков обид за враќање на името „ќе нè соочи со западните земји кои ја поддржуваат Преспа“ и „цел свет ќе се струполи на нас“!

„Да нема забуна. Преименувањето на државава во Северна Македонија е за навек. Јас би сакал да е поинаку, ама не е. Државата сама се обврза да се преименува и го спроведе преименувањето. И Уставот се смени. Од сега па натаму, целиот свет ќе се струполи на нас ако пробаме да го прекршиме ветеното“, предупредува сопругот на поранешната министерка за правда Рената Дескоска во полемика под објава на Фејсбук на професорката Билјана Ванковска.

„Баш ме интересира кој суд ќе ја поништи Преспа според Виенската конвенција? Инаку, западниот свет вложи многу голем напор за да ни го смени името. И причината за тоа не е само во подршката на Грција. Има една внатрешна цел, за која ќе расправаме во друга прилика. А за тоа дека ние може веднаш, уште сега, еднострано да ја раскинеме Преспа, тоа не е спорно и јас не сум го ни тврдел спротивното. Но, таквиот потег ќе нè соочи со западните земји кои ја поддржуваат Преспа, а за таа конфронтација како мала земја немаме сили“, додава застапникот на Република Македонија пред Меѓународниот суд во Хаг во добиениот спор со Грција за нарушување на Времената спогодба.

„Што се однесува до правото, основна лекција што се учи во прва година на правни студии е: правото регулира општествени односи. Меѓународното јавно право регулира меѓународни односи, односно односи меѓу држави/суверенитети (и меѓународни владини организации). И затоа ги носи карактеристиките на меѓународните односи. Само неуки правници го гледаат правото одвоено од односите што ги регулира. И да, гледајќи ја (не)моќта на мојата држава, јас можам да ја кажам вистината: Новото име ќе ни остане за навек. Сакале или не. Не е фер да ги лажеме луѓето дека имало надеж да се смени. Јас не сум Варуфакис да си играм со достоинството на мојот народ“, продолжува Дескоски.

„Баш чекам да видам да се врати старото име. Кажувањето на непријатната вистина не е камелеонство, туку чесност“, заклучува тој.

SHARE