„Дијаспорана да ја немат, најарно“ – Пишува Роберт Димитриевски

Македонската дијаспора не треба да постои. Треба да се укине со закон. Море, на Месечината да се прати со најавената мисија на НАСА. Овде на Земјата ич не ни ја треба.

Претера. Ни се води, ни се тера. Ај што го минира референдумот за „Преспа“, што одвај неколку стотини гласаа на претседателските избори, се дрзна да ја бојкотира и Тамара на „Песна на Евровизија“! Што е многу, многу е. Наместо Северна Македонија сега да биде горда, како што пееше Тодевска во Тел Авив, #ТимТамара, премиерот, шефот на дипломатијата и сите што застанаа зад неа мораа да се задоволат само со осмото место.

Пу, јаз’к! Што дијаспора ќе имаше жална North Macedonia? Со прст да не се мрднало за промоција на „оваа прекрасна земја“, сосе „нашите граѓани“. Колку само пари од северномакедонските даночни обврзници се потрошија бадијала поради однесувањето на иселениците. Место да гледаат напред, како што везден порачуваат соседите, да ја сфатат сета прогресивност на одговорите од типот „па што, јас сум граѓанка на светот“ на новинарски прашања во стилот „како се чувствувате како прв претставник на државата по промената на името“, тие кој знае кај гледаат. Како да не се дел од тој цивилизиран и демократски свет, полн со разбирање за тоа што им е важно на малите нации, што убаво се гледа од бетонираниот македонски идентитет со Преспански договор.

Не, помирување со опозицијата можеби и ќе има, но со дијаспората никако. Нека си ги чуваат тие милијарда и кусур евра годишно што им ги испраќаат на своите во татковината. Си има и ММФ, и Светска банка, а тука се и „нашите пријатели“ од Брисел и од Вашингтон за некое кредитче. Аааа, не! Северномакедонците нема да дозволат да ги условуваат со пари. Па, и тие имаат гордост, не само жените од песната на Тамара.

Што си мислат овие што се з’гнаа по белиот свет, оставајќи ги сонародниците тука на цедило? Па, уште памет ќе им солат и ќе им се мешаат во штипки од безбедна оддалеченост. Запнале со тој идентитет, име, ова, она. А, бе, од тоа не се живее, кога ќе сфатат?

Животот во „нашата земја“ ќе беше песна ако победевме на „Евросонг“. Можеби и министерот за култура ќе се пишманеше околу оставката, оти приоритет ќе беше изградба на нова концертна сала. Па, по посетата на Папата, „оваа земја“ повторно ќе беше во центарот на вниманието на светската јавност. Колку само #Proud ќе беа граЏаните, ееееј!

Ама, не. Дијаспората повторно им заврте грб. Дерман да се немало од неа, кој ја измисли, пуста да остане. Ај сиктер таму, глејте си еврата и доларите. Може Северна и без вас.

Сте можеле и вие без неа?! Ајдеееее! Е па ај, ако не, Груевски да се врати…

SHARE