Дилема: Кој Хан беше сега во Македонија?

„Овој Јоханес, што деновиве беше во Македонија, бара енергична борба против корупцијата и криминалот како и безусловно почитување на владеењето на правото и правната држава. „За Брисел владеењето на правото е црвената линија“, рече Јоханес. Па дури ни порачува и дека никој не смее да биде амнестиран од целиот процес поради неспособноста да се исполнат одредени рокови.

Да бидам искрен во целост се согласувам со ваквите ставови на Јоханес и со вака поставените црвени линии на Брисел.
Мене сепак ме буни оној поранешниот Хан, кој претходно доаѓаше во Македонија (мислам на периодот по референдумот, кој пропадна поради немање цензус) и кој тогаш ни делеше совети и упатства како треба да се обезбеди двотретинско мнозинство во парламентот за да се направи промена на името на државата. Затоа сега само би цитирал дел од тогашните пораки на некогашниот Хан.
„Потребни се осум или девет гласа од опозицијата и тоа мора да биде остварено. Сите велат дека сакаат членство во ЕУ и во НАТО вклучувајќи ја и опозицијата, а тогаш едноставно мора да ја платите цената на ова решение.

Јас верувам со комбинација меѓу балканското и рационалното“, порачуваше Хан пред околу една година.
И навистина по една ваквата порака и упатство – бидна балканското кај нас. На балкански начин беше обезбедено двотретинско мнозинство во Собранието и државата го смени името.

А владеењето на правото, амнестијата, црвените линии?
Тогашниот Хан не изусти ниту збор за начинот на кој беше направено тоа, за пуштањето од затвор и амнестијата на оние што требаше да гласаат, за прекршувањето на домашното, но и меѓународното право итн. Не чувме ништо ниту за тогашните црвени линии на Брисел, во поглед на почитувањето на владеењето на правото“.

Коментар на Александар Димковски во „Нова Македонија“

SHARE