Димитров до Бугарија: Не е мудро да се брчка во душата

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров застана во одбрана на македонскиот јазик од најновото негирање од Бугарија преку меморандумот до земјите-членки на Европската унија.

„Македонскиот јазик, којшто се разбира е во согласност со Уставот, но и со направената кодификација, е наша работа. Нам не ни требаат печати од други држави, признавања или непризнавања. И како што ние не се мешаме во работи што можеби им се свети или многу важни на нашите комшии, мислам дека е легитимно да очекуваме ист третман и кон нас. И затоа, ако Бугарија вистина сака да има пријател овде, мора да води мудра политика кон нас. И не е мудро да се брчка во душата на некој начин. Значи, наша работа е тоа, наше чувство, наш историски процес и мора да има тука свест од таа страна. Јас сум убеден дека оваа позиција околу македонскиот јазик не само што е директно спротивна на Европа, на европските вредности, туку е директно спротивна на мисијата што ја почнавме заедно. А таа е да бидеме блиски и да гледаме на историјата така за таа да нè поврзува и денес“, изјави донеодамнешниот министер за надворешни работи во интервју за „360 степени“ на телевизијата Алсат-М.

SHARE