Димитров и велесилата Македонија – Пишува Роберт Димитриевски

Николас Мадуро од вчера наваму место не го фаќа. Раатот, а богами и чаламот, му ги зеде министерот за надворешни работи на Северномакедонците, Никола Димитров. Откако разбрал претседателот на Венецуела за објавата на шефот на дипломатијата дека и неговата земја за привремен претседател го признава спикерот на Парламентот, Хуан Гваидо, многу се потресол. Извори од претседателскиот кабинет во Каракас откриваат дека Мадуро не се исплашил толку ни од заканата од неговиот американски колега Доналд Трамп, кој не исклучува воена интервенција во јужноамериканската држава. Дури третиот „дијазепам“ му помогнал на наследникот на Уго Чавес да се смири од уплавот што го обзел кога сфатил дека ѓаволот ја однел шегата штом и официјално Скопје му ја бара главата.

Толкувајќи ја вчерашната вест на денот во Боливарската република, со потенцијал да го смени текот на историјата во овој дел од светот, венецуелските новинари не пропуштија да забележат колку силен планетарен играч стана балканската држава откога нејзиното Министерство за надворешни работи го води Димитров. Советниците на Мадуро бездруго му шепнале на уво дека и еден Ким Јонг Ун почнал да пелтечи откога македонското МНР официјално побара мораториум на нуклеарната програма на Северна Кореја. Хутите од Јемен, пак, не само што престанаа да ја ракетираат Саудиска Арабија, туку и се расформираа и фатија џенем по осудата од министерството на глобалниот „дрматор“ Димитров. А најмногу му се стресоа колената на Владимир Путин, откако Владата во која министерува несудениот македонски амбасадор во Москва се солидаризира со Велика Британија во случајот „Скрипал“ и протера руски дипломат од Скопје.

Дипломатскиот булдожер, кој веќе го надрасна и габаритот на еден Ричард Холбрук, меѓу две светски кризи стигна да стави точка и на безмалку тридецениското грчко оспорување на името на македонската држава. Откако го шармира државниот врв на јужниот сосед, со елегантно движење на пенкалото врз договорот во Нивици ги скина од смеење шефот Зоран Заев, колегата Никос Коѕијас и премиерот Алексис Ципрас. Последниве двајца уште можеле да се видат на заболекар во Гевгелија, откако вилиците им се искривиле од урнебесната смеа што потпишал Димитров.

И како сега, по толку самопрегор во служба на светскиот мир и благосостојба, покрај гинењето за татковината, која за нецели две години на функцијата ја промовира во велесила, човек да не падне во искушение да го предложи за некаква меѓународна награда. Не мора да е Нобелова, оти не е убаво да им се меша во штипки на Заев и на Ципрас, но малку е и онаа „Алојз Мок“ што ја лапна неговиот претпоставен од австрискиот канцелар Себастијан Курц.

За еволуцијата во ставовите од времето кога беше преговарач за името до ланскиот автограм врз документот за негова промена се наметнува потребата од посебно признание. Баш како и за реплицирањето на мрчаторите дека е горд на својата ќерка за добиената државна стипендија од 40.000 долари за студирање во Холандија за време на неговиот мандат.

Едноставно, дипломат и татко за пример од држава за пример. Земја со ваков министер и планета со ваква држава не треба да се грижат за својата иднина. Ним само небото им е лимит. Тоа го знаат и Зоран, и Заев, а богами и Мадуро.