Димитров контра татка си, за кој „името е основен елемент на Уставот“

Со сопствениот потпис на договорот Заев-Ципрас за преименување на македонската држава во Северна Македонија, министерот за надворешни работи Никола Димитров постапи спротивно на ставовите на неговиот татко Димитар од пред 25 години, сугерира во својот твит бившиот шеф на дипломатијата Антонио Милошоски.

„Таткото на Димитров реагираше кога 93та прифати БЈРМ: Името е основен елемент на Уставот. Ова е тешка уставна повреда, против волјата на народот. Владата го игнорира принципот на легалитет, правна држава, станува генератор на беззаконие и опасност за македонската нација“, напиша Милошоски на својот профил на „Твитер“, цитирајќи делови од коментарот на Димитар Димитров насловен „Владата против Уставот“ и објавен во магазинот „Дело“ на 14 мај 1993 година.

Димитар Димитров беше министер за образование и наука од 1991 до 1992 година и министер за култура 1998 до 1999 година, а во текстот ја критикува Владата на Бранко Црвенковски за прифаќањето на привременото име Бивша Југословенска Република Македонија заради членство во Обединети нации.