Димитров: На повидок не е нова лидерска средба

Засега нема договор за нова лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски, но вели се вложуваат напори за да се дојде до консензус околу датумот за избори, одговори на новинарско прашање министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на денешната прес конференција.

„Нема во моментов договор за нова лидерска средба, мислам дека може да се каже дека има комуникација и се вложуваат напори да се постигне консензус. Меѓу нашите свети начела е да имаме демократија и многу е важно сите политички чинители да излезат на тој изборен мегдан. Треба да мислиме на државните интереси во овој период. Да потсетам дека предвремените избори практично се иницираа на барање на опозицијата, тогаш контекст беше недонесувањето на зелено светло во контекст на одлуката на ЕУ за почеток на пристапни преговори“,порача Димитров.

Според него, и набљудувачите на ОБСЕ се подготвени да ги следат изборите согласно новите стандарди и протоколи поради ковид-19.

Димитров, кој е носител на листата на ИЕ 1 од СДСМ, порача дека на земјава и се потребни избори, веднаш штом се создадат здравствени услови за нивно спроведување.

„Неопходно е да имаме целосно функционални институции. Нашиот став е дека веднаш штом се исполнат здравствените услови, треба да ги одржиме предвремените парламентарни избори. Имавме тежок период зад нас и сакам да упатам едно големо „благодарам“ до граѓаните. Изборите во овој момент се решение, а не проблем“, рече Димитров.

SHARE