Димитров не може да го проголта спасот на Груевски во членка на ЕУ

Никола Груевски е тој кој што успеа да ја претвори Република Македонија во заробена држава за време на неговото владеење, како што беше посочено и во извештајот на Европската комисија од 2016 година, вели министерот за надворешни работи Никола Димитров за прифатот на експремиерот во членка на ЕУ.

“Сите ние овде, но исто така и во Европа, ги слушнавме телефонските разговори кои беа објавени во 2015 година, а кои индицираат огромни злоупотреби на функциите, изборни измами и корупција.

Помислата дека авторитaрен владетел кој оставил зад себе такво наследство, а сега осуденик, од земја кандидат за членство во ЕУ ќе бара спас од раката на правдата во земја членка на ЕУ, не може воопшто да се проголта”, вели Димитров во јавната реакција.

Шефот на дипломатијата бара да не го заборави и податокот дека, како поранешен премиер, тој исто така користел и полициско обезбедување составено од полициски службеници кои самиот ги одбрал, коешто според него ги прави наводите за постоење закани кон неговата лична безбедност целосно лажни.