Димитров “закукуљено замумуљено” за распадот на грчката влада

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска по принципот на неговиот шеф Заев “закукуљено замумуљено” одговори на прашањето што ќе се случи ако се распадне грчката влада по заминувањето на Каменос и Независни Грци.

Димитров на заедничка прес конференција со Радмила Шеќеринска и Бујар Османи изјави дека контактирал со Ве-Де грчкиот министер за надворешни работи Катругалос кој му рекол дека Грција останува посветена да се заврши работата со Преспанскиот договор и да се упати порака за партнерство и сојузништво.

Денеска конфузниот Димитров избегна да одговори директно што ќе се случи ако владата на Ципрас не добие поддршка од Парламентот и Грција оди на предвремени избори.

За можноста Преспанскиот договор да стапи во сила паралелно во двете земји, под услов да преживее владата на Ципрас, Димитров вели дека во консултации со Грција е најден начин договорот да биде усогласен во двете земји.

Според него за да стапи заедно во двете земји потребно е Грција паралелно да ги ратификува Преспанскиот Договор и пристапниот протокол за влез на Македонија во НАТО.

Ако владата на Ципрас неделава падне и не биде ратификуван договорот од Преспа тогаш според договорот Македонија нема обврска да се нарекува Северна.