Добра вест за Вардар: Самсоненко ветил дека ќе ги исплати ракометарите до 31 мај

Сопственикот на ракометниот клуб Вардар, Сергеј Самсоненко, им ветил на играчите дека долговите кон нив ќе бидат подмирени до 31 мај, објави рускиот весник „Спорт“.

Ваквото ветување тој го дал на состанок со екипата на кој присуствувал и почесниот претседател и претходен главен спонзор на двократниот европски шампион Михајло Михајловски.

„Преземен е важен тактички потег што овозможи да се задржи ситуацијата под контрола. Самсоненко официјално се раздели со фудбалскиот клуб Вардар. Во исто време тој долго време избегнуваше состаноци и директни разговори со ракометарите. Но, во еден од февруарските денови тој се појави и му објасни на тимот. Покрај тоа, секој играч доби од него заверена нотарска обврска со банкарски гаранции за отплата на сите договорни долгови најдоцна до 31 мај“, пишува „Спорт“, додавајќи дека играчите го прифатиле тоа и потврдиле дека ќе ја завршат сезонатав о црвено-црниот дрес.

Десното крило Иван Чупиќ, пак, за хрватскиот весник „Јутарњи лист“ потврди дека имало состанок со Самсоненко и со Михајловски, кои им рекле дека многу работи ќе се знаат до крајот на февруари.

„Ниту ние што останавме, ниту навивачите кои ги има во голем број, не сме се откажале од Вардар, а сигурен сум дека тоа никогаш нема да се случи. Сѐ останато е висока политика во која не се разбирам. Имавме состанок со Самсоненко и Михајло Михајловски, кои ни кажаа многу повеќе работи ќе се знаат до крајот на месецот. Што конкретно, не знам. Но, како и да е, до крајот на сезоната сум тука, а мислам исто размислуваат и останатите. Би сакал така да остане, да се стабилизираат работите, но засега навистина не знам ништо“, изјави Хрватот.

Бековите Даинис Криштопанс и Павел Атман, кои го напуштија клубот неодамна, засега се единствените „жртви“ од играчкиот кадар на финансиската криза што ги тресе „црвено-црните“ и сезонава како ланската, кога и во таква ситуација се искачија на европскиот врв.

SHARE