Добрите војници Јоци, Тричко, Коко и Сречко – пишува Горан Момироски

На крајот на ноември само неколку дена по објавувањето на договорот за предвремени избори некаде в скопско неколку луѓе од највисоките ешалони и еден од пониските кои се собрани да прават прелиминарна стратегија за изборен настап на владеачката партија меѓу другото носат одлука “на дебелиот да му се расплаче мајчето”.

Оваа одлука се базира на анализата дека дебелиот “почнува да прави сериозна штета и мора да му се најде нешто”.

Желбата на еден од групата е наведениот да се оцрни и да се елиминира од јавниот дискурс или како што било тогаш кажано” ни колумна да му се види ни емисија над 3000 да помине”.

Откако еден месец се бара нешто и не може да се најде ништо ниту приватно ниту јавно објавено, малата група пред крајот на 2019 се собира уште еднаш.

Овој пат засилена од уште еден експерт кој сугерира дека со предметот на предходно опишаната акцијата треба да се игра преку тајни профили на Фејсбук и Твитер затоа што е опасен во фронтална јавна битка со аргументи и затоа треба да се “топи” со гадни коментари на активисти на партијата на кои “бил алергичен и се вадел од такт”.

Откако по стотиците објави на социјалните мрежи за него дебелиот не покажува дека е “оштетен” двајца од погоре наведена група му даваат налог на еден висок општински функционер да ангажира луѓе за директен вербален напад во било каква форма.

Двајца од луѓето на кои се обратиле емисари со понуда “Пари за навреди” ми се долгогодишни пријатели и веднаш одбиле. Двајца други чекаат да им бидат префрлени пари за да го спроведат нападот.

За крајот на јануари нема средба за која имам информации.

Има само серија од систематски напади врз мојата маленкост од четири лица блиски на една групација во заминување: Јорданка Ивановска Јоци, Бранко Тричковски, Зоран Бојаровски и Среќко Поповски.

Во ниту една навреда или напад од овие четворица кон мене нема спротивставени аргументи на моите јавно искажани тези. Сите се “Ад Хоминем” напади, празни ламентации полни со квалификации без никаква суштина или не дај боже здрава логика.

Во само десетина дена овие луѓе од кој едниот, Среќко Поповски, платен со пари на американските даночни обврзници, еден Бранко Тричковски, работи за газди од Србија, третата Јоци, по сопствено признание директорска ќерка и Зоран Бојаровски шеф на владината пропаганда, трошат премногу часови од своето скапоцено време на анализа на мојата маленкост.

Не им се лутам, се обидувам да ги разберам, сепак се работи за човечка слабост, немоќ и избор.

Дури ми иде да им кажам фала на комплимент што толку силно и систематски, дури и во слободно време размислуваат за мене.

Но искрено се надевав дека можат да смислат малку подобри тези за своите напади.

Споредбата со фекалии, именувањето како малечок, укажувањето дека сум “смрдлив шит” и човек со деменција не е некој напад што носи поени освен триминутна егзалтација кај дел од хипнотизираното членство на државотворната партија. Еве нека има и понекоја кулминација кај дел од читателите и гледачите.

Реков не им се лутам на Јоци, Сречко, Коко и Тричко, на сите четворица од различни причини. Ниту имам намера да им се реванширам.

Напротив, ги охрабрувам да продолжат со својата плодна работа посветена на моите лик и дело и им благодарам за бесплатната реклама што ми ја прават.

Дури им нудам наместо да се мачат да ги гледаат сите мои емисии и ТВ дневници и да ми ги читаат колумните јас да им испраќам материјали. Да им помогнам на колегите да си го заработат парчето леб.

Сакам само да знаат дека во селото Македонија се се знае. Ништо не може да остане скриено. И за намери и за планови и за пари. И за честата злоупотреба на новинари од страна на луѓе со многу пари и моќ но со мал ум и ич морал.

Во продолжение делото на Сречко Поповски платено со пари од американската амбасада во Скопје во кое во обид да ја одбрани обвинителката Русковска ме споредува со канализација. Во својот дел од акцијата Сречко дозволува дека можам да поставам прашање ама не сум можел да судам. Веројатно затоа што тоа е само негова привилегија.

За да видите како Коко и Тричко си ја вршат работата поврзана со овој текст ќе мора да одите на нивните ФБ профили.

За Јоци не можам да одберам еден линк премногу ги има.

https://m.facebook.com/story.php?story_fbid=10156677031941366&id=703691365

https://m.facebook.com/story.php?story_fbid=3272773172751441&id=100000563722005

П. С.

Двајца од “напаѓачите”, Тричко и Јоци биле поканети да ми бидат гости во Алфа и да ги кажат своите ставови. Среќко не бил поканет затоа што не сум слушнал дека има став за нешто ама ако сака поканата важи и за него. Бојаровски исто така има отворена покана.

Ако соберат храброст да излезат на мегдан и да ги судриме аргументите во интерес на јавноста ги чекам со широко отворена врата. Било каде и било кога.

Или пак нека си седат на безбедно до своите компјутери и нека продолжат да креваат туѓ рејтинг и читаност.

Бонус инфо

Фотографијата на овој текст е принт скрин од мојот личен профил на Фејсбук. Десетина дена профилот од кој споделував само мои и колумни на колеги со кои не е прекршен ниту еден стандард на Фејсбук е блокиран до втори март за да не може да споделува вести на групи на оваа социјална мрежа.

Според инфото што го добив профилот е пријавен од десетина различни ИП адреси, некои од нив локални канцеларии на политичка партија или од домови на активисти на истата партија.

Резултатот од оваа специјална операција за нарачателите е мизерен. Колумните пак ги читаат десетици илјади луѓе а емисиите како што можеме да видиме ги гледаат уште повеќе луѓе.

Затоа од срце ви благодарам на сите, продолжете да ми го давате тоа што не се плаќа со ниедни пари.

SHARE