Дојче веле: И Заев знае како избега Груевски!?

Во интервју за Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ), премиерот Заев за првпат открива детали од бегството на експремиерот Груевски за кои досега се шпекулираше во јавноста. Од Обвинителството не ги потврдуваат тие информации,  објави „Дојче веле“.

 „Знаеме како Груевски избега од земјата“, тврди македонскиот премиер Зоран Заев во интервју објавено во германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг.
„…„Со лифт се симнал во подрумот, а потоа се сокрил во багажникот на автомобилот со кој бил изнесен од земјата. Во Албанија го чекало унгарско дипломатско возило“, вели премиерот.

По тезата за криење во багажник околу која имаше многу шпекулации во јавноста, но не и потврдена, од Обвинителството, за првпат еден носител на висока политичка функција во земјата излегува со тврдење и дека Груевски бил пречекан од унгарски дипломати уште на самата граница.

Извори од Јавното Обвинителство велат дека претпоставки има, но докази – нема.

Како што пишува „Дојче веле“’, вечерта, кога се претпоставува дека започнало бегството, немало, односно било слабо осветлувањето на улицата каде Груевски би можел да излезе со  возилото од гаражата под неговиот дом, а такво нешто не се гледало ни на снимките од системот „Safe sity“. Исто така не бил забележан од камерите на ниту еден македонски граничен премин кон Албанија. За Обвинителството нема дилема како излегол од Албанија кон Црна Гора и понатаму до крајната дестинација – Унгарија, и во чија придружба бил. Но, се уште не е утврдено со докази како излегол од Македонија.

Засега претпоставките се дека или избегал преку див премин во таканаречениот зелен појас, или на официјален граничен премин каде не бил евидентиран, пишува „Дојче веле“.