Дојче веле: Шпионските дневни оброци на Милошоски!?

„Поранешниот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, како некаков македонски вид на тајниот агент Ашенден (херој од новелите на Сомерсет Мом) изнесува дневна доза од масата на преговорите – средбата во Преспа ќе биде утре, задутре, Грците поставиле нови барања, македонските преговарачи затечени, продажбата на државата и достоинството на народот само што не е завршена“,  констатира „Дојче веле“ во напис насловен „Изморени од името“.

Настаните околу преговорите се менуваат толку драматично последниве неколку недели, што станаа и тешки и мачни за следење. Јавноста во Македонија се измори од нив, се вели во текстот и дел од вината за тоа се префрла – на кој друг ако не на оние кои јавуваат до каде се преговорите за кои премиерот и министрите најавуваат дека ќе биле позитивно решени деновиба, наредните часови, па и минути.

„Медиумите, а особено непребирливите портали, во отсуство на кредибилни информации, овие ‘шпионски’ редовни оброци ги преземаат со малку огради, како да се симнати од озвучената преговарачка маса. Време е да се прави политички капитал – и во успехот и во неуспехот“ се вели во написот во кој не е испуштено да се поздрави  соопштението на македонското МНР дека „за вака значајни прашања не треба да се брза“ и дека квалитетот на текстот на договорот е поважен „од потребата процесот да се финализира во каков било рок“.