ДОМ бара забрана за дизел возила во центрите на македонските градови

Коалициониот партнер на СДСМ на Лиле Поповска од владата бара да забрани користење на дизел возила во централните зони на Скопје и други поголеми градови во Македонија.

“Намалувањето на употребата на дизел горивата е светски тренд и голем број градови во светот веќе најавија забрана за дизел возила во централните зони. Ова е само една од многубројните мерки за намалување на аерозагадувањето кое потекнува од сообраќајот, паралелно со мерките за намалување на аерозагадувањето од загревањето на објектите, градежништвото и индустријата. Според Светска банка, аерозагадувањето во Македонија е причина за над 1300 смртни случаи и ги чини нашите граѓани преку 253 милиони евра годишно”-изјавила пратеничката Маја Морачанин во собраниската расправа во врска со употребата на дизел горивата.

Со цел намалување на аерозагадувањето и борба против климатските промени, голем број држави најавија забрана за продажба на нови автомобили кои користат бензин или дизел од 2030, односно 2040 година. Собранието на Република Македонија го ратификуваше Парискиот климатски договор, со што презема обврска за намалување на емисиите на стакленички гасови, пишува Морачани на сајтот на ДОМ.

Доколку ова барање на “Зелените” биде усвоено Македонија ќе остане без такси превоз и автобуси во централните градски зони затоа што најголем дел од овие возила се со дизел мотори.