Велмејска парохија на Македонска православна црква – Охридска архиепископија јави за драматичен развој на ситуацијата со пожарот што се доближил 400 метри до селото Велмеј во општината Дебарца.

Најновата информација е дека последната цистерна на охридската противпожарна единица останала во селото оддалечено 13 километри источно од магистралниот пат Охрид – Кичево, но пожарот почнал да се префрла накај Сошани, кое се наоѓа 3,5 км од Велмеј.

„Конечно се разбравме“, велат од Парохијата за епилогот на натегањето од пред еден час, кога оттаму стигна абер дека „состојбата излегува од контрола и последната цистерна сака да си оди, но црквата и народот ја блокира и не ја пушта, се чека полиција“.

Во текот на денот интервенираа и два авиона за гасење на пожарот што избувна претходниот ден и брзо се рашири низ теренот со средна вегетација, претежно смрека, околу селото поради силниот ветер.

SHARE