Драстичен пад на поддршката во Македонија за членство во ЕУ

Само 58 проценти од македонските граѓани сметаат дека членството во Европска унија би било добра работа за Македонија, покажува најновото истражување на Евробарометар, што е значително помалку од над 90-процентната поддршка до пред десетина години.

Во другите земји-кандидатки најголема поддршка за членството на нивната земја во Унијата има во Албанија, каде што дури 93 отсто од граѓаните гледаат позитивно на тоа.

Во Црна Гора процентот е 45, во Србија 42, а во Турција само 35.

Прашани дали сметаат дека ЕУ треба да се прошири, 77 проценти од анкетираните во Македонија одговориле позитивно, во Албанија 83 отсто, во Црна Гора 62 отсто, во Србија 56 отсто и во Турција 36 отсто.

Во самата Унија, пак, проширувањето со нови членки има поддршка од само 43 проценти, наспроти 45 отсто против. Најпозитивно на тоа гледаат во Шпанија (71 отсто), во Полска и во Литванија (66 отсто), Романија (65 отсто), Унгарија (62 отсто) и во Хрватска (61 отсто). Најголеми противници се Финска (64 отсто), Франција (62 отсто), Германија (61 отсто) и Австрија (58 отсто).

Стандардното есенско истражување на Европска комисија е спроведено од 8 до 22 ноември на примерок од 32.600 граѓани од ЕУ, од петте земји-кандидатки и од непризнатата Турска Република Северен Кипар.

SHARE

Оставете коментар