ДУИ ќе стави вето на предлогот на владиниот партнер СДСМ, доколку во пакет не оди со решение на статусот на политичките затвореници од комунистичкиот режим и нивните семејства.

Партијата на Али Ахмети уште во 2012 година побара обесштетување на политичките жртви од комунистичкиот режим, но предлогот остана во фиока бидејќи не доби согласност од тогашниот владин партнер ВМРО-ДПМНЕ, потсетува „Плусинфо“.

Тогаш се споменувала бројка од 14.000 политички затвореници Албанци кои би требало да добијат обесштетување, а како пример се посочувало решението од Албанија каде што на семејствата на стреланите им се исплатувале по 80 долари дневно во период од осум години, а на затвораните од политички мотиви по 50 долари.

ДУИ предлагаше рехабилитацијата да се однесува  на периодот 1945-1991, кога Македонија беше дел од комунистичка Југославија. Тогаш пратеникот Џеват Адеми изјави дека „Македонија како поранешна социјалистичка земја, им го должи тоа на жртвите“.

Нацрт-закон предвидуваше судско поништување на сите претходни судски одлуки од времето на  комунизмот, донесени од политички причини, што треба да биде основа за правна отштета на жртвите и на нивните семејства.

Тогашното барање на ДУИ сега го реактивира пратеникот Реџаил Исмаили:

„ДУИ е за лустрација бидејќи сме го гласале законот за лустрација, но сакаме за ова да има поширока дебата. Исто така сакаме да се отвори и прашањето за поранешните политички затвореници и паралелно да се реши прашањето за поранешните политички затвореници од комунистичкиот систем“, изјaви Исмаили откако вчера пратениците на ДУИ не присуствуваат на седницата на Комисија за политички систем на која требаше да се расправа за предог законот.


SHARE