ДУИ трага по одговори за бомбите: Напуштање на владата и блокада на СЈО меѓу опциите на маса

Демократската Унија за интеграции води сериозна внатрепартиска расправа и анализа и гради стратегија во врска со бомбите кои што деновиве ги објавува лицето со профил „Ел Чека“ на социјалната мрежа Фејсбук.

Извори блиски до врвот на партијата тврдат дека во ДУИ не се изненадени од информацијата на Алсат – М според која разговорите меѓу високи претставници на ДУИ се дел од бомбите што ги поседуваа Заев и СДСМ а кои подоцна беа предадени на СЈО.

Главна дилема кај ДУИ е дали СДСМ или СЈО ги доставила бомбите до Ел Чека. Според Мала Речица можноста некој трет да ги доставил бомбите до Кумановската група е минимална.

Во сценарио вината да е кај Заев и неговиот тим помала е дилемата дали СДСМ намерно ги пушта бомбите за да ја наруши позицијата на Ахмети во преговорите за нови концесии по поддршката за изборот на Пендаровски или пак Заев веќе нема контрола на бомбите и до нив имаат пристап повеќе луѓе врз кои премиерот нема контрола.

Анализите на ДУИ се дека селекцијата на разговорите на Ахмети и други членови на партијата во СДСМ можеле да ги направат само најблиски соработници на Заев кои во исто време го знаат албанскиот јазик.

Листата на вакви луѓе е мала а двајца од листата се на највисоки партиски позиции во СДСМ за кои за еден има индикации дека директно ги слушал разговорите на албански јазик.

Засега ДУИ нема да бара лична одговорност од нив или од Заев, се додека точно не се утврди кој, кога и зошто бомбите кои го опфаќаат периодот од 2008 до 2014 година се предадени на членови на Кумановската група.

Во ова сценарио ДУИ сериозно ќе ја разгледа идната соработка со СДСМ а не се исклучува ниту итно излегување од владата со барање за итни избори кои што сепак би се случиле по влезот во НАТО за да не се загрозат евроатланските интеграции на земјата.

Според анализите на ДУИ има два главни опции од каде може да се излезени разговорите кои откриваат многу теми штетни за имиџот на Али Ахмети и за целата партија.

Од останатите институции кои може да се инволвирани во дистрибуција на околу 6000 разговори како што тврди Ел Чека, одговор ќе се бара од СЈО каде што се складирани бомбите кои ги предаде Заев.

Доколку и формално се потврди дека бомбите за ДУИ се дел од оние разговори што се во компјутерите на СЈО тогаш Ахмети ќе бара целосна ревизија на работата на Катица Јанева и нејзиниот тим со цел да се утврди кој имал пристап до бомбите и кој можел да ги дистрибуира.

Овде главниот притисок на ДУИ паѓа врз неколку обвинители и истражители Албанци кои што поради јазикот ги преслушувале и селектирале разговорите кои се објавени од Ел Чека.

ДУИ веќе стапило во контакт со дел од овие луѓе и сите тие тврделе дека не постои начин бомбите да бидат извадени од нив на таен начин туку дека тоа можело да се случи само со дозвола од некој на повисоко ниво во хиерархијата на СЈО.

Во ова сценарио за изворот на бомбите ако случајот не се расчисти итно, ДУИ би можела да ги блокира преговорите за СЈО и да бара одговорност за Катица Јанева и нејзиниот тим се додека точно не се открие кој ги злоупотребил бомбите со цел дискредитација на партијата и лидерот Ахмети, велат извори во ДУИ кои инсистираат на анонимност.

Според најавите на профилот Ел Чека досега објавените бомби за ДУИ од кои партијата трпи огромни штети биле само загревање а најинтересните разговори ќе бидат допрва објавени ако не се спроведе Меѓународна истрага за Диво Насеље како што вети ДУИ.

SHARE