Двајцата нападнати полицајци во Струга се во стабилна состојба

Двајцата струшки полицајци кои вчера биле нападнати од група насилници во центарот на Струга се во стабилна состојба, информираат нивни колеги кои вчера со брза интервенција спречиле трагедија.

Двајцата полицајци кои биле сурово тепани од група од десетина напаѓачи немаат сериозни повреди по виталните органи по инцидентот кој многу лесно можел да заврши трагично.

Се работи за професионални припадници на МВР кои сега освен со физичките последици од тепањето се соочуваат и со специфична ментална состојба и поради понижувањето и срамот што го доживеале среде својот град.

Извори од Струга тврдат дека додека полицајците биле тепани од групата, дел од набљудувачите повикувале на нивно убиство а ниту еден од присутните граѓани не се обидел да ги спаси или да ги смири напаѓачите.

МВР во своето штуро официјално соопштение денеска вели дека полицајците биле нападнати откако биле обиколени од голема група граѓани.

“На 29.07.2019 година околу 17 часот, на улицата „Ристо Крле“ во Струга нарушен е јавниот ред и мир со напад врз службено лице при вршење службени дејства.
– Притоа, приведени се А.К.(38), Д.К.(35), двајцата од струшкото село Џепин како и Л.Б.(29) од Струга. По целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава”, соопшти денеска портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски кој не дава други детали за инцидентот во кој на полицајците им биле искинати и службените униформи.

Инцидентот што вчера и денес ја тресе Струга и струшката полиција се случува откако последниве две години имаше неколку сериозни напади врз полицајци.

Според изворите полицајците вчера во Струга спасиле жива глава само затоа што еден од нападнатите пред да биде турнат наземја навреме повикал полициско засилување.

SHARE