Џамбаски: Во Бугарија немало, нема и не може да има македонско малцинство

Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски реагира за обраќањето од Комитетот на Европскиот парламент за граѓански слободи, правосудство и внатрешни прашања до Владата на Бугарија со прашање кое се однесува на разни малцинства во земјата, меѓу кои и македонското.

„Тие наводно се подготвувале да се борат против корупцијата, а излезе да ја прашаат власта во Бугарија за правата на сексуалните и на етничките малцинства, вклучувајќи го и македонското. Во Бугарија, немало, нема и не може да има македонско малцинство“, категоричен е членот на ЕП од редовите на софиското ВМРО на вицепремиерот и министер за одбрана Красимир Каракачанов.

Тој нагласи дека Бугарија ќе продолжи да ги штити своите национални интереси и оти не е обврзана да ги објаснува своите потези „на некакви неписмени и неинформирани бирократи од Брисел“.

Реакцијата на Џамбаски се однесува на критиките за бугарската Влада од членовите на мониторинг групата на споменатиот комитет за почитување на демократијата, на владеењето на законот и на фундаменталните права изречени кон крајот на август.

На пописот од 1946 година во Бугарија како Македонци се декларирале 169.544 лица, а на тој во 1956 година 187.789.

Како резултат на менувањето на бугарската официјална политика во насока на негирање на македонскиот национален идентитет, на следните пребројувања на населението бројот на Македонците во Бугарија драстично опаѓа: од 9.632 во 1965 година, преку 0 (!) во 1975 година, до 10.803 во 1992 година и 5.071 во 2001 година.

Според последниот попис од 2011 година, пак, во Бугарија како Македонци се изјасниле 1.654 луѓе.

SHARE