Џамче од „Пелистерка“ – Пишува Роберт Димитриевски

Вака-така, Македонците си издиференцираа симбол за меѓусебна диференцијација – сонцето од Кутлеш. Пребојосувањето со бела боја на официјалното државно знаме на Македонија од 1992 до 1995 година на објектот „Школка“ во скопскиот Градски Парк, колку и да изгледа беззначајно на прв поглед, е последниот чин во продлабочувањето на поделбата во македонското национално ткиво.

Шеснаесетзрачната ѕвезда и дефинитивно се претвори во симбол на отпорот на Македонците против силеџиски наметнатиот Преспански договор по масовниот бојкот на пропаднатиот референдум од 30 септември 2018 година. На спротивната страна се тие што немаат проблем со додавката „Северна“ во името на државата и што го претпочитаат новокомпонираното знаме од сдсмовската перјаница Мирослав Грчев, кое првите го нарекуваат „вентилатор“.

Забраната од ништовниот договор од Нивици за јавна употреба на македонското етничко знаме беше само прашање кога и колкав интензивен контраефект ќе предизвика. Судејќи според неговото сè помасовно истакнување на свадби, во дворови, на балкони и прозорци, во автомобили, на облека, приврзоци и каде ли уште не, сонцето од Кутлеш го презема приматот од тоа со двојно помалку краци. Наместо да го снема, каква што е интенцијата на безвредното парче хартија што неовластено го потпиша министерот за „по надвор“, симболот на древномакедонското кралство е пожив од кога и да е во „нашата земја“.

И сега „шу праиме кога ќе ви се потроши бојата“, што вели оперскиот пејач Игор Дурловски? Можат ли талибанциве да стигнат насекаде со четките и со брусилките со кои го бришат од капаците на шахтите? Ќе набават ли доволно теписи конјуктурнине попови, кои место да го водат стадото, поголемиот дел од него го одбиваат од себе со покривањето на сонцето на подовите од храмовите изградени со донациите токму на македонските верници? Ако биле против, што не го спречиле при поставувањето во или пред новоизградените цркви?

Очигледно, самоповиканите месии воопшто не си го познаваат народот на кој здушно му се намерачиле да го обезличат. Ниту сфатиле нешто од мудролиите на Итар Пејо, а уште помалку сконтале дека Македонецот од инает и вреќа сол ќе изеде. Секогаш кога му бранеле нешто, тој уште поупорно и поитро ќе им противречи, ќе се мајтапи и ќе си го тера своето.

„Генијалецот“ што ја смислил забраната за сонцето од Кутлеш во Македонија и уште поголемиот што ја прифатил не се ни свесни каква мечкина услуга си направија. Не само што златножолтата ѕвезда на црвена заднина нема да ја прогонат од овие простори и од овој народ, туку нека се подготват и од фрижидер да им излезе. Не им помагаат ни брусилки, ни канти со боја, ни плиткоумни Северџани, кои за пари нема понижување што не се подготвени да го спроведат.

Пораката за бричење со џамче од „Пелистерка“ е најбенигната реакција што би можеле да ја очекуваат. Пред герила-акција како таа на „Школка“ или во Совет на Општина Куманово, каде што опозициските советници се судрија со претседателката поради налепниците со сонцето од Кутлеш на своите лаптопи. И ним, и на сите други им се забранува неговото користење на јавно место, а никој жив не знае по кој закон и каква е казната за неговото неспроведување?!

Ех, оваа моја чудесна земја…

SHARE