Уште еден величествен ден за македонската одбојка: втора победа во низа во дебито на европските првенства, и тоа над домаќинот Словенија од 3:1 (26:24, 30:28, 19:25, 26:24), која ја доближи Македонија до осминафиналето!

„Црвено-жолтите“ ја завршија групата Ц како трети со 6 бода, но за пласман до четвртото место, а со тоа и меѓу 16. најдобри на стариот континент, треба да се почекаат уште мечевите на Турција против Белорусија вечерва и со Финска утре.

„Видовте ли како ги победивме среде ‘Стожице’?. Уф, колку ми е ќеф! Имаме срце како планина!Многу сум среќен. Сакам да заплачам, но немам солзи“, не ја криеше радоста капитенот Никола Ѓорѓиев.

„Ова е најголем резултат на овие играчи. Им честитам од срце. Остварија сè што договоривме пред мечот. Би било прекрасно да заминеме во Франција, чиј пасош имам“, изјави селекторот Никола Матијашевиќ.

Неговите избраници направија вистински подвиг во последниот сет, кога спасија три сет-топки и со пет поени во низа по 21:24 го свртеа во своја полза, а со тоа ги освоија трите бода.

SHARE