Еди Рама го тужи Харадинај за клевета

Албанскиот премиер Еди Рама вчера во судот во Приштина поднесе тужба против косовскиот колега во заминување Рамуш Харадинај за клевета.

Во тужбата на 30 страници, Рама наведува дека Харадинај постојано јавно лажел за негова наводна вмешаност во наводниот план за размена на територии меѓу Косово и Србија, со што во јавноста се создало мислење дека Рама работи против интересот на Косово.

Рама негира дека идејата за територијална размена потекнува од него. Тој додава дека конечната одлука за каков било договор меѓу Косово и Србија ќе треба да помине низ косовскиот парламент и дека тој самиот нема моќ за донесување одлуки. И напротив Рама врди дека тој само ја поддржувал косовската држава во текот на дискусиите за конечниот договор.

Во својата реакција на веста за тужбата, Харадинај на Фејсбук напиша дека тужбата е „целосно неоснована“ и политички маневар на Рама за да се избегне одговорноста.

Албанскиот премиер предупреди дека ќе покрене тужба уште во октомври 2018 година, кога го нарече Харадинај „лажливец“ откако, според Рама, Харадинај го обвинил дека е дел од планот за поделба на 10 милијарди евра со претседателите на Србија и на Косово откако би се извршила размена на територии.

Според албанскиот портал „Exit.l“ Харадинај всушност изјавил дека доколку Косово го предаде рудникот Трепача на Србија, според наводниот план за размена на територии, Косово би изгубило профит од 10 милијарди евра. Харадинај тврдеше дека ваквиот план бил договорен од претседателите на Србија и на Косово и поддржан од Рама.