По две учества едноподруго и освоената круна во 2017 година, на фајналфорот на Лига на шампиони во Келн годинава ќе го нема Вардар, прогнозира Европска ракометна федерација.

Според доделеното шесто место меѓу десет екипи на т.н. пауер ранкинг, македонскиот првак ќе го елиминира ППД Загреб во осминафиналето, но ќе биде запрен од ПИК Сегед на последната пречка до завршниот турнир.

„Момчињата од Скопје продолжуваат да импресионираат сезонава, и покрај многуте промени минатото лето. Домашниот пораз од забревтаниот Веспрем беше единственото помрачување во 2019 година досега, кое ги спушти на третото место во групата А и ги соочува со тежок тест против Загреб во осминафиналето“, пишува во образложението.

Покрај треторангираниот унгарски првак од Сегедин, новинарите на ЕХФ во „Ланксес арена“ ги очекуваат и четвртиот „носител“ Веспрем со Дејан Манасков, вториот Барселона и топ-фаворитот Пари Сен Жермен.

Пред Вардар на петтото место е Фленсбург, а зад црвено-црните се Кјељце (7.), Нант со Кирил Лазаров (8.), Рајн Некар Левен со Филип Талески (9.) и Спортинг (10).

SHARE