Економски последици од Ковид-19, што можеме да очекуваме? – Пишува Кирил Миноски

Пролонгиранта здравствена криза и катастрофално лошото справување со истата, ја мапираше Македонија како црна дупка на Балканот (а тука сме некаде и на светско ниво) и не позиционираше во рангот на ткн „земји на третиот свет“, според покажаниот капацитет за „кризен менаџмент“.
Наспроти широката поддршка која штоја доби Владата од јавноста за успешно справување со здравствената криза, бројките на заболени и умрени лица покажуваат дека секој ПР без реални резултати, за кратко време станува контра продуктивен.

Одеднаш одговорноста за лошото менаџирање со кризата се префли врз граѓаните кои што преку ноќ од состојба на карантин беа донесени во „новата нормалност“, препуштени на „Божја воља“ по приниципот „снаоѓајте се како знаете и умеете со вирусот“.

Нус производ на здравствената криза е економската криза. Разбирливо е дека колку подолго трае истата толку ќе бидат поголеми и негативните ефекти врз економијата.

Доколку ги анализираме бројките за растот на БДП од првиот квартал во 2020 година, кој што изнесува скромни 0,2 %, гледаме дека според овој параметар Македонија е повторно закована на дното споредено со сите останати земји во регионот.

Состојбата не е подобра и со другите економски показатели, речиси сите бележат негативен тренд: пад на индустриско производство, намалување на извозот, намалена потрошувачка, зголемена невработеност, зголемен број на компании што неможат да исплатат плати и сл.

Ново креираниот јавен долг од почетокот на кризата досега порасна за1,1 милјарди евра, со најава дека до крајот на годината истиот ќе изнесува 1,4 милјарди евра, доколку на ова се додаде очекуваното намалување на износот на БДП за оваа година, речиси е јасно дека полека ама сигурно влегуваме во ткн „зона на самаркот“ со висина на јавен долг близу до 60% од БДП, што ќе на квалификува во групата на високо задолжени земји.

Сето тоа неминовно ќе влијае негативно и на крединиот рејтинг на државата, како и на висината на каматните стапки на идните задолжувања на меѓународните финансиски пазари.

Податоците на УЈП за првите месеци од годината покажуваат значителен пад на приходите во буџетот од наплатата на даноци и придонеси, во однос на првично планираните приходи. Ако кон ова се додаде и фактот дека на расходната страна, сведоци сме на непримерно и непродуктивно трошење на средства кое што не креира додадена вредност, повеќе од јасно е каква е економската перспектива што може да очекуваме.

Доколку овој дисбаланс помеѓу приходите и раходите продолжи уште неколку месеци, едно од можните сценарија на краток до среден рок, е земјата да западе во платно билансни проблеми кои што би се решавале со аранжман со ММФ. Тоа ќе значи превземање на обрски пред меѓународните финансиски институции, што најчесто за последица имаат зголемување на даноците и кратење на трошоците.

Од друга страна во приватниот сектор и покрај помпезно најавуваните мерки за спас на економијата, секојдневно од стопанските коморите, пред се, оние кои што го штитат интересот на малиот бизнис слушаме апели за помош од државата, укажувајќи дека донесените економски мерки се несоодветни и недоволни.

Странските инвеститори во ТИРЗ-овите кои што беа еден од главните двигатели на економскиот раст, поради проблемите со кои што се соочува автомобилската индустрија, го намалија своето производство, што дополнително влијае негативно на намалувањето на БДП. Нови странски инвестиции нема, а тие ионака одамна не се приортиет и изложени се на негативна кампања.

Ако кон ова се доде и широка распространетата корупција, сериозните проблеми со владеењето на правото, непредвидливото деловно опкружување, недостаток на јасна економска стратегија и визија за интегрирање во глобалната економија и користење на компаративните предности на Македонија, како и постоење на центри на моќ кои што креираат политики и законодавство согласно на нивните потреби, јасно е дека и покрај оптимистичките проценки за економијата што стигнуваа од одредени адреси, постои сериозна опасност да ни се повтори искуството од справувањето со здравствената криза и во економијата, односно граѓаните и компаниите да бидат оставени сами да се снаоѓаат како знаат и умеат.

Не е исклучено на крајот цехот на селективно подделените ваучери и селективната економска помош да го платат сите граѓани независно дали добиле или не ваучер, преку зголемени даноци, придонеси и акцизи (нешто што веќе на два пати беше направено), по принципот: „сиромавиот два пати плаќа“.

Пишува Кирил Миноски
Поранешен министер за финансии

SHARE