Ексклузивно интервју со Македонецот чија фирма работела на инструмент за пронаоѓање вакцина за коронавирусот

Роберт Милески е македонски информатичар, кој на дел од јавноста ѝ е познат по своите коментари на социјалните мрежи за македонските политички премрежиња, е дел од глобалниот тим кој се обидува да најде решение за кризата со коронавирусот.

Милески е сопственик на германската компанија Introcode Technologies, во која работат уште 12 македонски експерти. Тие се задолжени за еден од главните делови на системот кој треба да го победи опасниот вирус.

Милески, многумина мислеа дека сте политолог или правник но сега излезе дека сте информатичар и менаџер на компанија која може да биде важна за целото човештво?

Милески: Со информатика се занимавам целиот мој живот, уште од млади години. Тоа беа далечните 90-ти. Информатиката ми е и работа и хоби. Знаете како е онаа изреката – „Изберете работа што ја сакате и никогаш нема да мора да работите ниту еден ден во животот“. Инаку со бизнис започнав во Струга, кога ја отворив мојата прва информатичка компанија. Во тие времиња многу малку луѓе се занимаваа со оваа дејност, пазарот како и можностите беа ограничени, а се појавија и други пречки поврзани со „развојот“ на државата и можностите за себеразвој. Токму затоа решив да го продолжам студирањето во Германија. Ми се пружи прилика да студирам на еден од најпрестижните германски универзитети, т.е. Институтот за Информатика при Универзитетот во Потсдам, Слободниот Универзитет Берлин, како и Хасо-Платнер Институтот за софтверско инженерство. Германскиот јазик го совладав за шест месеци, оти само толку време и пари имав да издржам во тој период, во спротивно, неуспехот беше загарантиран. Паралелно со отпочнување на студиите веднаш се вработив во една од најголемите германски компании – TÜV Rheinland, каде што за четири месеци веќе ме поставија за лидер на тимот. Со таа работа се занимавав околу осум и пол години.

Како станавте дел од битката против глобалната пандемија на корона вирусот?

Милески: Видете, јас сум лаик во делот на медицината, но од моето искуство во оваа област, од она што можам да го анализирам и од сознанијата пласирани во јавноста, се работи за глобална закана, лесно пренослив, досега непознат вирус Covid-19, наречен Корона. Досега се познати преку четриесет мутации кои не предизвикуваат никакви ефекти кај луѓето, но оваа нова мутација ги напаѓа респираторните органи кај човекот.

И токму затоа многу лаборатории и компании низ светот со полна пареа работат на „декодирање на вирусот“, односно дешифрирање на неговиот состав. Тоа се врши преку процес на изолирање на врзувачкиот протеин. За да се дојде до овој резултат се користат техники за секвенцирање на ДНК и РНК молекулите, но различни лаборатории користат различни начини да се најде вакцина за вирусот.

Научниците веќе успеале да го декодираат вирусот Covid-19, познат како Корона. Меѓу многуте лаборатории низ светот, први успех имаат истражувачите од фирмата Грефекс од Хјустон и тврдат дека веќе имаат создадено вакцина која мора да помине низ повеќе ригорозни фази на проверка. Меѓу другите се истражува и во Канада, Германија, Кина, Јапонија, од каде што исто јавуваат за успешен процес. Научниците успеале да го изолираат сврзувачкиот протеин.

Објаснете ни за вашиот удел во борбата против оваа пандемија.

Милески: Па, почетоците се уште во 2013 година. Тогаш швајцарскиот концерн „Текан“, една од најголемите компании за производсто на медицински инструменти нѐ избра токму нас како партнерска компанија и потпишавме договор за развој на нов медицински инструмент кој ќе биде иновативен и ќе ги спои различните помали инструменти во една целина. Тимот се состоеше од повеќе од 50 луѓе меѓу кои имаше Биолози, Хемичари, Физичари, и секако Информатичари. Ние бевме задолжени за неколку сегменти на инструментот, бидејќи се работеше за многу обемен проект.

Нашиот удел беше најмногу насочен во изработка на ДНК – РНК сиквенцер, со дополнителен бројач на клетки, како и целосна спектрална анализа, со чија помош денес се декодира структурата на корона вирусот. Еве да се пофалам – ние сме единствените во светот што успеавме да квантифицираме ДНК за помалку од 5 секунди, а броењето на клетки го изедуваме за пократко од 30 секунди. Светски рекорд кој сѐ уште никој не го соборил! Дело на Македонци! Инструментот успешно го завршивме и беше изваден на пазарот после две и пол годишна макотрпна работа. Денес токму лабораториите што работат на решавање на загатката наречена „корона вирус“ го користат токму овој инструмент и за тоа сум посебно горд, бидејќи покажавме пред светот дека Македонците можат и знаат како да бидат на врвот на технолошкиот развој. За жал тоа не можеме да го покажеме само внатре во Македонија од добро познати причини.

Како се решивте да формирате интернационална компанија за софтвер?

Милески: Работата во TÜV беше убава, но ние инженерите, а посебно информатичките инженери, сме луѓе кои секогаш бараме нов предизвик кога работите почнуваат да се повторуваат. Посебно ме водеше желбата за самостоен избор на кои проекти ќе работам, а тоа ми нудеше и лична независност и слобода. Ме водеше и желбата да се искористат потенцијалите на Македонија, бидејќи Македонците се интелигентни и вредни луѓе, а посебно се истакнуваме на полето на природните науки. Можеби затоа не се истакнуваме многу кај општествените науки, се гледа по државата, нели, хаха. Но како и да е, тогаш се одлучив да формирам сопствена интернационална компанија „Introcode Technologies“.

Кажете ни неколку збора за компанијата.

Милески: Компанијата вработува 12 Македонци, информатички инженери, и работиме исклучиво со производство на специфичен софтвер за други бизниси и институции користејќи ги најновите трендови во Информатиката, од декстоп софтвер, софтвер за раководење на комплексни машини, па сѐ до клауд решенија. Инаку работиме исклучиво во германското говорно подрачје, односно нашите клиенти доаѓаат од Германија, Австрија и Швајцарија.

Какви се вашите планови за иднината?

Милески: Моментално работиме на четири нови проекти, се работи за соработка со некои од најголемите компании во светот, но бидејќи сме обврзани на тајност, за жал засега не можам да откријам повеќе детали околу сегашните активности. Но во секој случај продолжуваме напред и константно сме во потрага по нови лица кои имаат желба да ни се приклучат. Дозволете ми при оваа прилика да им порачам нешто на сите Македонци, посебно на нашата младина – никогаш не се откажувајте од самите себе или од Македонија! Ние сме вредни и способни луѓе, само мора да најдеме начин нашата способност да ја пренесеме и во границите на татковината. Јас преку свој пример сакам да покажам дека секој може да успее и да и врати на државата, иако не ми дала ништо, преку создавање нови работни места и пренесување на нашиот стекнат KnowHow во Македонија. Ако ние не се избориме за неа, нема кој друг!

Често сте активни и во македонската политика.

Милески: Да, за жал. Знаете, често патувам на релација Македонија-Германија, каде што половина од годината сум во Македонија, другата половина во Германија или на службени патувања. За жал како и секој друг Македонец, и јас не сум имун и преокупиран сум со случувањата во македонската политика. Посебно во последниот период кога пред очи ни се случува постепено разградување на македонската држава и тоа овојпат од своите. Тоа е ужасно болно да се гледа, да се седи комотно на страна и ништо да не се презема. Искрено им завидувам на луѓето кои едноставно не ги тангира ништо што се случува. И токму затоа се трудам преку мои текстови да ги искажам критички своите погледи за македонската држава и македонскиот народ. Не планирам мирно да го гледам падот на македонската држава и да да не преземам ништо. Знам дека можеме и знам дека знаеме како поинаку. Тоа очигледно лесно го покажуваме надвор од македонските граници, но некако тешко ни оди кога тоа треба да се покаже во Македонија. Корумпираниот систем едноставно работи против секој што мисли поинаку и не е дел од еден од воспоставените системи за перење мозок. Но, што е тука е, наше е никогаш да не се откажеме, оти, како велам јас – една земја, една љубов, една татковина – име и е Македонија!

Тим Expres.mk

SHARE