Емоционална компетентност е новата класика – Д-р Пехчевска Поп-Илиев

Сите текстови на Д-р Пехчевска и многу повеќе за личниот развој ќе најдете на www.mimipehcevska.mk

Кога зборуваме за успешноста во нашите животи или кога креираме одредени стратегии за да оствариме некоја важна цел, најчесто зборуваме за тоа колку мудро сме потстапиле, но ретко кој ја споменува емоционалната компетентност.
Истовремено во нашата секојдневна комуникација често знаеме да кажеме дека при носење на одредени одлуки се потпираме на нашата интуиција. Што всушност ни кажува сето ова? Знаеме ли колку влијание има овој сегмент во нашата секојдневна функционалност, успешност и рамнотежа?

Емоционалната интелегенција е најважниот сегмент кој директно влијае на нашиот индивидиуален и општествен успех. Станува збор за вештина која за среќа се стекнува и развива во текот на животот. Таа вештина ни носи освестување во однос на користењето и препознавањето на нашите емоции и посебно во професионалниот живот е од многу релевантно значење.

Ако научиме како да го контролиме стресот, да ја разбереме суштината при комуницирање во нашето опкружување и ако предизвиците ги доживуваме како нови шанси, тогаш зборуваме за висока емоционална компетентност.

Постојат многу сомневања на оваа тема, посебно во нашето општество каде размислувањето и уверувањето за успехот на еден човек многу често се поврзува со неговата интелигенција.

Но за која интелигенција всушност зборуваме? Прашање кое не е баш разјаснето дури и меѓу луѓето кои себе си се сметаат за многу паметни.

За жал, немаме сите развиена емоционална компетентност и уште потрагично е што најголем број од нас тоа сѐ уште го немаат ни освестено. Токму тие луѓе најчесто се потпираат на својата интуиција, несвесни за своето однесување, релации и чувства кои ги предизвикуваат.

Емоционалната интелигенција не е наследна, а директно влијание има од луѓето кои нѐ пораснале, кои нѐ научиле, покажале или освестиле. Тоа понекогаш не се нашите родители. Сите оние околу нас кои успеале да нѐ научат како да се справиме со своите предизвици, тие успеале да ни ја ‘пренесат’ оваа вештина. Нам ни останува да ја негуваме и да ја продлабочуваме.

Добрата вест е дека со тек на време, упорно вежбање и учење, тоа може да се надомести. Од друга страна свесни сме дека живеењето во 21 век носи друг сет на вештини кои популарно се повторуваат и употребуваат во секојдневниот живот, без притоа вистински да ја разбереме позадината и суштината на нивното значење.

Па така многу често во нашите биографии ќе напишеме дека имаме способност за носење одлуки, или ќе чуеме дека нашите деца треба да стекнат вештини да решаваат проблеми. Всушност зборуваме за емоционална комптентност која е многу повеќе на цена и многу помодерна во современиот живот од оној нам познат тренд на “да се биде паметен” односно висок коефициент на интелигенција (IQ).

Дополнително, ако се продлабочиме на темава ќе видиме дека сите истражувања без исклучок покажуваат дека општествено успешни луѓе истовремено и луѓе кои се среќни со својот живот, не се оние кои имаат висок коефициент на интелигенција, туку оние кои се свесни за своите емоции, управуваат со своите постапки и креираат добри меѓучовечки релации. Дотолку повеќе што и сѐ повеќе “паметни” луѓе работат за оние кои се емоционално компетентни.

Овие вештини ќе ни овозможат многу подобро прилагодување во различни ситуации и опкружувања и подобри односи со нашите пријатели, колеги, комшии. Полесно ќе ги прифатиме различностите на луѓето околу нас, полесно ќе се мотивираме и ќе ги почитуваме своите чувства, но и на оние околу нас.
Од емоционално интелигентните луѓе скоро никогаш нема да чуеме како се самосожалуваат. Тоа едноставно не е нивниот стил на живот затоа што знаат сами да се мотивираат и да се извлечат од непријатните ситуации. Не ги набедуваат другите за нивните постапки и чувства, туку изнаоѓаат начини да се справат со истите и им е совршено јасно дека само тие го контролираат својот живот.

Е тоа се вештините на кои треба да ги научиме нашите деца. Токму тоа е она што самите ние не треба да престанеме да го развиваме во текот на животот, без разлика на која возраст и да сме.
Интересно е што во нашето општество постојано слушам како сѐ уште се дебатира за одредени заблуди поврзани на оваа тема.

Луѓето сѐ уште веруваат дека се такви какви што се и дека не треба и не можат да се менуваат. А всушност вистината е дека со свесност за нашето однесување, прифаќање на нашите вредности и менување на нашите уверувања кои не ни служат, можеме значајно да си го олесниме животот. Слушам и коментар од луѓе кои веруваат дека ако си емоционално интелегентен си лесно ранлива личност.

Напротив, кога ни е јасно со какви способности располагаме, размислуваме позитивно и сме фокусирани кон решението, а не кон проблемот, многу полесно ќе се справиме и со емоциите и со стресот и со сѐ она што ни причинува пречка за да станеме постабилна личност.

Две основни способности се важни да ги развиеме за да бидеме емоционално интелигентни. Личната компетенција која вклучува самосвест и самоконтрола и општествената компетенција која вклучува активно слушање и социјални вештини.
Сега е ред искрено да си одговориме на прашањето – Дали јас сум емоционално компетентна личност?

Пишува: Д-р Мирјана Пехчевска Поп-Илиев, експерт за личен и организациски развој, професионален коуч, кариерен советник www.mimipehcevska.mk

SHARE