Ескалација во Нагорно Карабах, Ерменија и Азербејџан во војна

Ерменија прогласи воена состојба и општа мобилизација по новите судири што избија во Нагорно Карабах, отцепена територија на Азербејџан, но со доминатно ерменско население.

„Барам од сите обврзници да се појават во воените отсеци. Бидете подготвени да ја браните светата татковина. Силно да ја поддржиме нашата држава, нашата војска и ќе победиме. Долго да живее славната ерменска војска“, објави на Фејсбук премиерот Никол Пашинјан.

Пред Ерменија, и Нагорно Карабах прогласи воена состојба и општа мобилизација на своето машко население, објави претседателот на самопрогласената држава Араик Харутјунјан.

Од ерменска страна се јавува за 16 убиени војници и за стотина ранети, како и за убиени цивили, меѓу кои мајка и дете. Информираат и дека урнале четири хеликоптери и 15 дронови, уништиле 10 тенкови и борбени возила, а заробиле 11 оклопни возила.

Азербејџан, пак тврди дека неговите безбедносни сили возвратиле на гранатирање од Ерменија, во кое загинале пет члена од едно семејство, и оти презеле контрола врз седум села во Нагорно Карабах.

„Азербејџанската војска денес се бори на своја територија, го брани својот територијален интегритет, му задава разорни удари на непријателот. Нашата цел е праведна и ќе победиме“, порача претседателот Илхам Алиев.

Турција му вети поддршка на Азербејџан, и тоа лично од претседателот Реџеп Таип Ердоган, а ерменските власти тврдат дека азербејџанската воена авијација користи турски авиони Ф-16, кои веќе еден месец биле на азербејџанска територија за наводни заеднички воени вежби.

Русија, САД и Обединетите нации ги повикаа двете страни за итен прекин на воените дејствија.

Судирот меѓу Ерменија и Азербејџан почна во февруари 1988 година, кога автономниот регион Нагорно Карабах прогласи отцепување од Азербејџан. За време на судирите од 1992 до 1994 година Азербејџан ја загуби контролата врз Нагорно Карабах и седум други соседни региони.

SHARE