„Она што деновиве се случуваше околу усвојувањето на заклучоците од процесот на проширување на состанокот на Советот за општи работи е најдобриот пример за тоа колку продолжувањето на проширувањето на ЕУ е непожелна тема. Дипломатите во работните групи, постојаните претставници на земјите-членки, а потоа и министрите со деновие се консултираа за тоа како да го отфрлат предлогот за отворање на преговорите со Македонија и Албанија,  а истото да не биде протолкувано како одбивање.

Значи, на мајсторите за јазични акробации, со кои е полна ЕУ, задачата им беше како на јавноста да и се прикаже дека НЕ всушност е МОЖЕБИ​​, а тоа МОЖЕБИ да се сфати како ДА… пишува „ Јутарњи лист“.

Според хрватскиот весник, земјите од Западен Балкан се преправаат дека ги спроведуваат реформите за да ги исполнат условите за напредок кон членство во Европската унија, а ЕУ глуми дека сака да ги прими.

„Вака може да се опише моменталната ситуација во процесот на проширувањето кој практично влезе во слепа улица, по одлуката на Брисел да не отвори преговори со Македонија и Албанија“, пишува „Јутарњи“,

Некои земји на ЕУ, пред сè Холандија и Франција, највеќе би сакале да кажат дека нема повеќе проширување. Но не можат зашто знаат дека таквата порака би можела да предизвика нови тензии во регионот на Западен Балкан, каде што иднината во ЕУ е она што им е заедничко, колку и да било далеку она што го нарекуваат „европска перспектива”.

Тешко е да се каже дали е поискрено то што го прават Холандија и Франција, кои едноставно велат дека се против или Германија, која се извлекува со потребните процедури во Бундестагот.

 Холанѓаните секогаш велеа дека имаат “строг, но чесен пристап”, но чесноста сега испадна, па остана само „строгиот пристап”. Но, забележува „Јутарњи“ „колку е оваа држава против проширувањето на ЕУ покажа и примерот на Украина која влезе и во војна со Русија за да се приближи кон Европската унија, за да на референдумот во Холандија граѓаните гласаат против дури и за Договорот за асоцијација, кој нема никаква врска со можно членство на Украина во ЕУ“.

За отворање на преговорите со Македонија и Албанија, наместо одлука, ЕУ го помина најголемиот дел од времето преговарајќи како да ја одложи одлуката и како да ја формулира. Дали, кога ќе постават нов рок за одлуката на есен, ќе кажат септември или октомври, или ништо. Дали ќе објави „позитивна” или „содржинска” одлука? 

„Холандија, Франција и Германија мудро ја искористија Европската комисија за да им помогне во одложувањето на нивните одлуки. Тие првин побараа од Комисијата да го одложи усвојувањето на пакетот за проширување сé додека не завршат европските избори. Така, наместо во април, пакетот е објавен на крајот од мај. Сега велат дека премногу краткото време е причина да „ се вратат на ова прашање подоцна”.

Најсмешно е кога скептицизмот за проширувањето на ЕУ во земјите-членки се припишува на зголемената поддршка за екстремната десница. А најголемите кочничари на проширувањето се владите во кои се либералите (Холандија и Франција) како и демократите и социјалдемократите заедно (Германија).

ЕУ не е искрена за проширувањето и би било подобро да престане да се преправа. Германија, се уште е донекаде отворена за продолжување на процесот, но откако Ангела Меркел ќе ја напушти власта, работите би можеле да се променат и во таа земја, бидејќи пријатели на проширувањето ниту таму нема многу. А повеќе од 60 проценти од германските граѓани, слично на Франција, се ‘уште се противат на приемот на нови држави во членство во ЕУ…“, заклучува „Јутарњи лист“.