Европска бронза за македонскиот борач Егоров!

Владимир Егоров ѝ донесе бронзен медал на Македонија на Европското првенство во борење слободен стил во Романија со победата над домашниот борач Андреј Дуков од 7:4 во категоријата до 57 килограми.

По вчерашниот пораз од 5:2 на стартот против финалистот Муслим Садулаев од Русија на душекот во салата „Поливалента“ во Букурешт, Егоров во денешниот репасаж го елиминира Леван Метревели од Шпанија, откако борбата по основните 2х3 минути заврши 3:3.

Европски шампион во оваа категорија стана Сулејман Атли од Турција, кој во финалето славеше над Садулаев, бронза покрај Егоров освои и Махир Амирасланов од Азербејџан.

Блиску до медал денеска беше уште еден македонски борач, Магомедгаџи Нуров, но во дуелот за бронзата во категоријата до 97 кг загуби од Нурмагомед Гаџиев од Азербејџан со 5:0 и заврши на петтото место.

SHARE

Оставете Коментар