Експертите за Балканот Флоријан Бибер од Луксембург и Џејмс Петифер од Велика Британија му се придружија на Ханс ван ден Берг од Холандија во критиките за бугарското условување на поддршката за Македонија за членство во Европска унија.

„Оставете ја историјата на историчарите, не условувајте ја иднината со толкувањето на минатото. Бугарската окупација на Македонија е сигурно едно поглавје каде што Бугарија можеби ќе сака да се гази повнимателно“, се огласи Бибер на Твитер.

На твитот на координаторот на Советодавна група „Балканот во европската политика“ (БиЕПАГ) регира Петифер.

„Но, сето тоа е директен производ на Преспанскиот процес наметнат од НАТО, со кој се ограничува нормалната историска дебата. Историчарите во Скопје треба да се залагаат за она за што веруваат дека се случило. Во Северна Грција бугарските окупаторски трупи беа толку брутални, што дури и нацистите им ги запреа операциите“, твитна професорот по балканска историја на колеџот „Светиот крст“ во Оксфорд.

Ван ден Берг, пак, констатира дека со соседи како Грција и Бугарија не ви се потребни непријатели.

„Пријателство под услов тој, тој и тој. Поддршка за отпочнување преговори за пристапување во ЕУ на иста основа. Кому му требаат непријатели кога соседи ви се Грција и/или Бугарија, кои не се двоумат да изнудат отстапки од Албанија и/или од Македонија (а и понатаму очекувате целосна соработка во Југоисточна Европа“, твитна Холанѓанецот.

SHARE