ФФМ го прогласи Вардар за првак на Македонија, но во ЛШ оди Силекс

Фудбалската федерација на Македонија со соломонско решение – на крајот, сепак, го прогласи Вардар за првак во прекинатата сезона 2019/2020, но во квалификациите за Лигата на шампионите оди Силекс, бидејќи „црвено-црните“ повторно не добија лиценца поради долговите.

Управниот одбор ја официјализира табелата по 23. коло, кога првенството беше прекинато поради епидемијата на коронавирус, а на која Вардар имаше 46 бода, десет повеќе од Силекс.

Третопласираната Шкендија со 35 бода, како и Ренова со 31 и Шкупи со 29, одат во квалификациите за Лига Европа.

За Вардар ова е 12. титула македонски првак, втор е Работнички со 4, по три имаат Силекс, Слога Југомагнат и Шкендија, две Победа и по една Македонија Ѓорче Петров и Ренова.

Стартот на новата сезона во Првата македонска фудбалска лига е закажан за 9 август.

SHARE