ФФМ побара од УЕФА одложување на мечот со Косово

Фудбалската федерација на Македонија ѝ се обрати на УЕФА со барање за одложување на натпреварот со Косово од полуфиналето на плејофот во Лигата на нациите, воедно и квалификациски за Европското првенство, закажан за 26 март во Скопје.

„Во дописот до европската куќа на фудбалот, покрај проблемот со гледачите (забрана од македонската Влада за присуство на публика), ФФМ го потенцира проблемот со пристигнувањето на фудбалерите од репрезентацијата во нашата држава, односно евентуалната изолација / карантин за одредени фудбалери кои би пристигнале од земјите со висок степен на присуство на вирусот COVID-19.

Токму поради овие вонредни причини, Фудбалската федерација на Македонија е во постојана и интензивна комуникација и со Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје и во целост се придржуваме кон нивните препораки, донесените мерки или забрани.

Исто така, по консултации со претставници на фудбалските федерации на Грузија и на Белорусија, една од двете држави кои беа одредени за домаќини на финалниот натпревар од Лига на нации на 31 март за пласман на ЕУРО 2020, неофицијалните информации велат дека е можно, репрезентацијата која би обезбедила пласман во финалето, да се соочи со одредени мерки на претпазливост за здравствена заштита при влез во една од државите. И во однос на ова, ФФМ, исто така е во постојан контакт со споменатите федерации и со УЕФА“, соопшти ФФМ.

SHARE