Владата утрово објави сет мерки меѓу кои се и бескаматни кредити за погодените сектори и ослободување од 50 отсто од придонесите. Данела Арсовска од ССК вели дека кредититирањето ќе помогне, но не многу значајно, а ослободувањето од придонесите нема да има голем ефект затоа што и така компаниите немаат приходи, па нема да можат да исплатуваат плати.

„Немаат за плати, немаат приходи, не се во добра состојба фирмите. Почнаа да одјавуваат работници, а работниците нема каде да одат. Дури не може ни да се иселат како што беше тоа досега. Донесените мерки се добри, но можеби вакви требаше да се донесат пред две недели.

Сега треба да се подлабоки и да ја следат реалната ситуација, вели Арсовска за Фактор.

Владата објави денеска дека се обезбедени вкупно 5,7 милиони евра со кои ќе се кредитираат директно компании поради неликвидност, односно компании чија што економска активност е погодена од коронавирусот. Секоја компанија, во зависност од бројот на вработени, ќе може да добие од 3 до 30 илјади евра. Микро компаниите, до 10 вработени, ќе може да подигнат кредит од 3 до 5 илјади евра, малите компании со 10 до 50 вработени, ќе може да подигнат кредит од 10 до 15 илјади евра и средните компании со 50 до 250 вработени, ќе може да подигнат кредит од 15 до 30 илјади евра. Она што е овде важно е дека овие кредити се бескаматни, со каматна стапка од 0 проценти. Грејс периодот на овие кредити ќе биде 6 месеци, а рокот на отплата 2 години.

SHARE