Фото на денот: Замислениот Заев и белите патики на Рама

Албанскиот премиер Еди Рама уште еднаш го украде шоуто со својот стајлинг – бели патики, црни чорапи и сино одело, но тоа не го импресионира колегата Зоран Заев, седнат замислен до него.

Фотографијата на Танјуг од денешната конференција во Лондон го отсликува (не)расположението на претседателите на владите на двете кандидатки за членство во Европска унија поради одложувањето на одлуката за преговори за октомври.

На конференцијата организирана од британскиот весник „Фајненшел тајмс“ и од Форум за инвестиции во Западен Балкан (ЦИФ) Заев се пофали дека по потпишувањето на Преспански договор трговијата со Грција се зголемила за 21 процент. Тој додаде дека инвестициите во Македонија значително пораснале во последните седум години, со што ги опфати и последните пет години од владеењето на претходната власт.

„Не е неопходно ЕУ да реши уште денеска дали ќе отвориме пристапни преговори, туку да донесе одлуки што би го охрабриле регионот кон натамошен напредок на европскиот пат“, рече Заев во очекување на најавената неповолна вест за Македонија и за Албанија од министерската средба на ЕУ во Луксембург.

SHARE