Француски печат: Долг и тежок ќе биде патот на Македонија и Албанија кон ЕУ

Францускиот печат во освртот на одлуката на министрите за европски прашања на ЕУ потсетува дека по зеленото светло за почеток на преговорите со Македонија и Албанија, одлуката утре треба да биде потврдена на виртуелниот самит, оценувајќи дека спак патот за двете земји кон полноправно членство во Унијата ќе биде долг и тежок, посебно за Албанија, јави дописникот на МИА.

Редакцијата на Ројтерс на француски јазик потсетува дека проширувањето длабоко ги подели земјите членки на ЕУ. Франција и Холандија посебно беа скептични за отворањето на преговорите со Македонија и Албанија, забележувајќи на функционирањето на демократските институции и борбата против корупцијата. Париз и Хаг стравуваа и за кохезијата на заедничкиот европски блок, но по омекнувањето на нивната позиција сега е дадено зелено светло, оценува Ројтерс на француски јазик.

Првиот канал на францускиот национален радио сервис „Франс Интер” коментира дека патот ќе биде тежок и несигурен за Македонија и Албанија, бидејќи по барањето на Франција и Холандија процесот на проширувањето е реформиран и отсега земјите членки на ЕУ можат да ги суспендираат преговорите и да вратат од почеток некои политички поглавја, во случај на неисполнување на барањата.

„Франс Интер” потсетува дека повеќе држави членки на ЕУ побарале од Албанија и Македонија дополнителни напори во борбата против корупцијата, обезбедување на независноста на судството и почитување на правната држава.

Ова посебно важи за Албанија, која треба да го потврди напредокот пред првата рунда преговори, наведува радиото, додавајќи дека иако датумот за стартот на преговорите се уште не е познат, по утрешното формализирање на одлуката, Самитот ЕУ – Западен Балкан во Загреб ќе се одржи во поопуштена атмосфера, пренесува „Канал 5“.

SHARE