Фудбалер на Интер донира 3.000 евра за операција на Македонка!

Хрватскиот фудбалер Марсело Брозовиќ од Интер е херојот на денот во Македонија благодарејќи на донацијата од 3.000 евра за операција на Стаменка Менче Трповска од Македонија.

Репрезентативецот на светскиот вицешампион и играч за врска на поранешниот клуб на Дарко Панчев и на Горан Пандев покажа големо срце и неполн час од објавата на Фејсбук-страницата „Интер тифози Балкан“ се јави приватно и информира дека уплатил 3.000 евра.

„Не знаеме како сето ова да го опишеме, нè преплавија емоции, останавме без текст. Голем си Марсело, како што веќе го знаевме тоа, а ти Стаменка сета среќа и здравје на овој свет ти ги посакуваме“, се вели во постот на фан-страницата на тимот од Милано.

На Трповска ѝ беа потребни 3.000 евра за нова операција на колкот во Белград поради компликациите по ланската.

„Во средината на март требаше да заминам за Белград, но се откажа и јас така чекајќи пак завршив на патерици, и тоа полошо од кога било. Искрена да бидам, веќе не можам да издржам, ни спијам како што треба, ни ништо од огромни болки. Па пак собрав храброст да ви се обратам на вас, драги мои пријатели, поради тоа што сама не можам да се изборам со ова ниту физички, ниту финансиски. Ова мое лекување и постоперативен третман ќе ме чини 3.000 евра, кои јас не можам да си ги обезбедам“, објави 26-годишната скопјанка на Фејсбук, по што Брозовиќ експресно ја покажа својата хуманост.

SHARE