Уредниците на фотографија на британскиот весник „Гардијан“ меѓу најдобрите фотоснимки викендов во светот ја вброи и таа со една од галиите во Вардар во магла.

„Луѓе пешачат покрај галија во реката Вардар низ густа магла и смог. Скопје беше прогласен за најзагаден главен град во 2018 година од Светска здравствена организација, делумно поради тоа што две третини од домаќинствата користат огревно дрво како нивен примарен извор на затоплување“, пишува „Гардијан“ во легендата на објавената фотографија направена од фотографот Роберт Атанасовски.

За разлика од неодамнешниот напис за 50. најдобри вина за Божик, меѓу кои ја вброи „Кратошија“ на „Тиквеш“ и ја претстави дека е од Северна Македонија, па по реакциите од Македонци се поправи, овојпат „Гардијан“ го употреби уставното име Република Македонија над легендата на фотографијата од „бродот на духовите“, како што го опиша во насловот.