Генерацијата „Z” што ги посрамоти Шилегов, Макрадули и “Вентили”

Македонската организација „Save The Planet„ формирана и водена од 14 годишни деца деновиве ја реализираше својата прва еколошка акција.

Тинејџерите со тоа и им зададоа силен удар на функционерите што се одговорни за екологијата и чиста животна средина пред сите градоначалникот Шилегов, министерот и неговиот заменик во ресорот екологија Садула Дураки познат како командант “Вентили” и Јани Макрадули.

Ако досега повозрасните знаеле да ја користат изреката: „Деца се, ништо не разбираат„ и со таков став да пристапуваат кон очекувањата и барањата на младите, сега е конечно дојдено времето овој став да се смени.

Новата генерација деца и млади т.н. „Z„ генерација која дури за десетина години од сега ќе треба вистински да биде вклучена во општествените текови, не губи време.

Оваа генерација и знае и разбира кои се потребите на заедницата, и што е најважно, веќе превзема чекори сите свои стекнати вештини да ги стави во практика и да покаже личен пример преку дела.

Таков е примерот на малата Грета Тунберг (активистка за заштита на климата од Шведска) која покажа вистински пример за лидерство со својата упорност и посветеност да им упати порака на оние кои во моментот ги носат одлуките и политиките за заштита на животната средина и климатските промени.

Нејзините протести не само што и донесоа номинација за Нобелова награда туку се проширија низ многу земји и со месеци секој петок мобилизираат илијадници ученици во напорите да ги предизвикаат возрасните на акција сега.

Инспирирани од Грета и од дискусијата и можноста преку часовите по Граѓанско со наставникот Ивица Трајковски да се вклучат и самите во протестите, учениците од 8 одделение, Лука и Ања, ја создадоа организацијата „Save The Planet“, која иако целосно неформална, има своја веб страна изработена од Лука, програма во чиј фокус се чистење и рециклирање и пристапница отворена за сите генерации.

За помалку од 1 месец од идејата, тие ја организираа и првата акција изминатиот викенд чистејќи и селектирајќи го отпадот во еден дел од Градскиот парк.

Вредната дружина за само 2 часа наполни неколку вреќи со пластика, хартија, алуминиум и стакло и на крајот од акцијата истите ги одложи во соодветните контејнери за да можат да бидат рециклирани. Задоволни, веќе ги прават подготовките за следната акција.

Иако многумина нивни другари се обиделе да ги обесхрабрат кога им ја споделиле идејата, тие немаат сомнеж дека го направиле вистинскиот исчекор, особено што истите другари сега веќе се нивни следбеници.

Децата, како Лука и Ања и нивните другари преку своето дејствување ни одржаа една многу важна лекција: Престанете да зборувате, завиткајте ги ракавите и почнете да делувате и работите! Промените се случуваат, а младите лидери се целосно подготвени да ја превземат својата иднина во свои раце.

Следете ги и дознајте повеќе на:

https://savetheplanetglobal.squarespace.com

SHARE