За првпат ќе имаме парламентарни избори на кои СДСМ има попопулистички лидер отколку ВМРО-ДПМНЕ.

Плашете се вмровци, доаѓа Заев. Доаѓа на квадрицикл, по нерамен терен, со распетлана кошула, без кацига, и со полн паричник. Има за сите по нешто, сѐ уште има. Ќе ја изора Македонија, ќе биде забавен, понекогаш дрзок, често искрен, понекогаш ќе ги затнуваме ушите, но тоа е тој. И не крие дека е таков, пишува Гордан Георгиев во својата најнова колумна за Дојче веле.

Денес Заев е премиер на Република Северна Македонија. И оди на избори. Ќе оди со полн куфер ветувања, со фотографии, гушки и бацки со разни Ангели Меркели, Јоханеси Ханови, Доналди Трампови (пардон, Тускови), Ципраси и Бојко Борисовци, Помпеовци и Пенсовци. Со селфија од авиони и буџет од три билиони. Со чиста мисла и без покајание за делата што ги направил. Знам, вие ќе речете дека делата се недела, ама во недела на 12 април ќе се преброите. Она што е добро е дека на овие избори влогот е навистина мал. Никој нема што да изгуби. Освен оние неколкумина чиишто судски процеси се во тек. Кроткоста на Заев и ширењето на политичката игра речиси до безвкус, им овозможува на победниците да слават без отровни исцедоци, а губитниците да не жалат премногу. Тоа Заев и го најави од фамозната трибина во Прилеп. Мало сутра на овие избори, но веќе прекосутра, зошто да не- му порача тој на Мицковски. Ниту ВМРО-ДПМНЕ ќе коле и ќе беси ако дојде на власт, ниту СДСМ ќе биде полош од претходно. Таква е природата на оваа Македонија без Груевски и членка на НАТО.

Плашете се вмровци, бидејќи Заев во кампања не е шега. За првпат ќе имаме парламентарни избори на кои СДСМ има попопулистички лидер отколку ВМРО-ДПМНЕ. Заев не крие дека е човек од народот, близок до народот, дека го разбира народот. И ова не е сосема неточно. Сте се излажале ако мислите дека кај СДСМ нема калкулација за тоа. Мало сутра. И самиот Заев е свесен дека популизмот редовно потоа се удира од глава, но тоа не е негова калкулација во моментов. Дури и ова „мало сутра“, колку и незграпно да делува, си има свој ефект. Преполниот „Марко Цепенков“ прсна од смеење. Тоа е доказ дека Заев сепак не јаде живи луѓе, та сите видовме дека никого не изеде. Напротив, со некои од тие што требаше да бидат изедени јадат на иста софра и пијат од иста стомна. И тоа се вика политика, колку и да врескаме. Јадењето живи луѓе делува како далечно ветување коешто не е остварено. Хм, токму оние кои најмногу го критикуваа јадењето живи луѓе сега се најразочарани затоа што Заев на крајот не ги изел тие живи луѓе, туку или ги амнестирал (за повисоки цели) или ги оставил да се влечкаат по судови и да им застарат делата“, пишува Георгиев..

SHARE