Донација во висина од 16 илјади евра од Германија денеска е предадена во поликлиниката во Шуто Оризари. Набавена е опрема и медицински материјали, а дел од донацијата се и личната заштитна опрема и кислородните маски.

Донацијата од Германија е на иницијатива на сојузната Влада за време на германското претседателство со Советот на Европската унија, пренесе Либертас.

Германската амбасадорка во земјава Анке Холштајн истакна дека Германија досега го има поддржано регионот на Западен Балкан со 15 милиони евра, а Европската унија со три милијарди евра во кои Германија учествува со скоро една третина.

„Со оглед на состојбите, главен акцент на нашето претседателство беше справувањето со пандемијата и нејзините последици. Овде во регионот на Западен Балкан имаме партнери кои при борбата со пандемијата можат да се потпрат на нас“, рече Холштајн, посакувајќи им брзо опоравување на сите граѓани кои се борат со вирусот.