Германската сојузна влада издвои 50 милијарди евра за помош на уметниците и на бизнисите поврзани со културата, кои трпат штети за време на пандемијата од коронавирус.

„Ги знаеме тешкотиите, го знаеме очајот. Културниот сектор особено се карактеризира со голем број самовработени луѓе, кои сега имаат проблеми со нивниот начин на живот“, изјави министерката за култура Моника Гритерс, додавајќи дека Владата е „целосно свесна“ за важноста на креативните индустрии и оти „помошта ќе дојде најбрзо што може и со што е можно помала бирократија“.

„На нашето демократско општество му треба единствен и разновиден културен и медиумски пејсаж во оваа историска ситуација, незамислива до неодамна“, нагласи Гритерс. „Креативната храброст на креативните луѓе може да помогне во надминување на кризата. Треба да ја искористиме секоја можност да создадеме добри дела за иднината. Уметниците не се само неопходни, туку и од витална важност, особено сега“.

Пакетот од три дела вклучува грантови за изнајмување објекти и уметнички студија, кредити за бизнисите, а покрај лицата и организациите поврзани со уметноста финансирањето ќе ги поддржува и медиумските претпријатија, вклучително и весниците.

Покрај паричните стимулации, слободните уметници (фриленсери) во период од шест месеци ќе имаат на располагање и социјална помош, вклучувајќи осигурување од невработеност. Ќе им бидат покриени трошоците за домување за да се обезбеди „секој да може да остане во својот дом“. За таа цел, Владата инјектира дополнителни 10 милијарди евра.

Законодавството им дозволува на станарите да бидат заштитени од иселување доколку не можат да платат кирија, кредитите може да се одложат, а на поединците им е дозволено да побараат од даночното биро намалување на нивните исплати или аванс за поврат на данок.

За споредба, Уметничкиот совет на Англија објави значително помал пакет од 190 милиони американски долари за поддршка.

Метрополитен музејот на уметноста од Њујорк, пак, ја повика Владата на САД да им додели на американските музеи помош од 4 милијарди американски долари.