Героски оди во СДСМ, од Заев бара средба со партискиот обезбедувач што му се заканувал

Новинарот Бранко Героски вечерва објави заканувачка порака од лице кое се претставува дека работи во партиското обезбедување на Социјалдемократскиот сојуз.

Во пораката упатена преку сервисот за пораки на социјалната мрежа Фејсбук лицето Борче Гиновски на Героски му вели дека претерува со објавите за рекетари од една телевизија и високи членови на една партија.

Гиноски го потсетува Героски како бил фарбан од Љупчо Палевски и му упатува експлицитна порака „Гледај да не те бањаат во Вардар“ која не може да се смета за пријателска или искажана на шега.

Лицето Борче Гиновски за себе вели дека е дел од партиското обезбедување на СДСМ поради што Героски бара одговори од него за заканувачот.

Тој утре изутрина од премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев бара да го соочи со членот на партијата и сите други неопходни за неговото бањање во Вардар.

„Претседателе на СДСМ, Зоран Заев, вечерва во 22.14 часот ја добив оваа заканувачка порака од извесен Борче Гиноски, кој за себе вели дека работи во обезбедувањето на СДСМ.

Дали Вашата партија, премиере, почна да се служи со вакви методи? Дали ја одобрувате оваа отворена закана? Дали ќе преземете нешто?

Утре изутрина точно во 9.15 часот ќе дојдам во седиштето на СДСМ. Ве молам да го обезбедите присуството на овој господин и на сите што се неопходни за моето најавено “бањање во Вардар”.

Колеги новинари, претставници на ЗНМ и на другите новинарски здруженија, ве поканувам во ова време да бидете присутни на настанот во седиштето на СДСМ на улица Бихаќка.

ПС. Ако не барам премногу од вас, драги пријатели, ве молам споделувајте го овој пост“, пишува Героски во своето обраќање до лидерот на СДСМ.

Меѓу пријателите на Фејсбук на Гиновски е и министерот за информатичко општество и јавна администрација Дамјан Манчевски.