Героски прашува дали е веќе договорен тендерот за нов клинички центар

Новинарот Бранко Героски во текст со наслов: “ДАЛИ ВЕЌЕ Е ПОЗНАТ ДОБИТНИКОТ НА ТЕНДЕРОТ ЗА НОВИОТ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР?”, прашува дали јавноста ќе биде сведок на нов голем скандал.

“Неофицијално дознавам дека денеска, на пат за Брисел, каде што се решава прашањето за датумот за преговорите со ЕУ, премиерот Зоран Заев, придружуван од министерот за здравство Венко Филипче, некое време ќе се задржи во Виена (а Филипче и ќе останел таму, ако ми е точно инфото).

Прашувам, дали ова задржување на Заев има врска со потенцијалниот добитник на тендерот за новиот Клинички центар, тежок 500 милиони евра?

Дали е точно дека било јавна тајна дека тендерот речиси сигурно ќе го добие австриската компанија “Вамед”, на Балканот интензивно присутна со проекти во српскиот дел на БиХ и во Србија?

Инаку, читам дека нема ништо спорно во портфолиото на оваа компанија – стара 33 години, реализирала 700 проекти во 72 земји, вработува 16.000 работници и има годишен промет од 1,5 милијарди евра.

Сепак, тендер е во прашање. Како е можно однапред да се знае кој ќе го добие? Ако е тоа точно…

Само прашувам.

И да потсетам. Станува збор за проект вреден неверојатни 500 милиони евра, што треба да се гради во Ѓорче Петров.

Владата го поништи претходниот тендер од времето на Груевски, вреден три пати помалку. Тогаш тендерот го добија домашните компании “Гранит” и “Бетон” и италијанската компанија “ИНСО системи”.

Македонските градежници сега се побунија дека условите во новиот тендер за нив биле дисквалификаторни. Наречете ме ваков или онаков, но јас не разбирам зошто македонските градежници нема да добијат шанса барем партнерски да учествуваат во овој грандиозен проект. Да работат и да заработат. Малку и тие да се офајдат.

Толку ли не ги бидува? Толку ли се неконкурентни? Или нешто друго е во прашање…

Само прашувам. Се надевам дека некој ќе понуди добри одговори”, прашува Героски.

SHARE