Героски: Заев гори од желба со Филипче да ги препознаат како нашите Фред Астер и Џинџер Роџерс

Новинарот Бранко Героски во својата најнова колумна на порталот „Плусинфо“ го опсервира тврдењето на лидерот на СДСМ и поранешен премиер Зоран Заев во „Само интервју“ на Канал 5 дека Македонија успешно танцува во коронакризата.

„Мислам дека Заев гори од желба него и Венко Филипче јавноста да ги препознае како мајстори на ‘танцот’ со коронавирусот, како нашите Фред Астер и Џинџер Роџерс. Верувам дека сите посакуваме навистина да е така. Но, не е. За да биде, навистина треба да се смени стратегијата. Јас сѐ уште не ја губам надежта дека многу брзо политичарот Венко Филипче ќе му даде предност на докторот Венко Филипче“, вели Героски во поднасловот на колумната насловена „Македонскиот арогантен ‘танц’ со коронакризата“.

„Бидејќи, повеќе или помалку сите знаеме дека не сме ние никакви шампиони во „танцување“, дека обично „танцуваме“ со две леви нозе и „блескаме“ само во перцепцијата на пропагандистите – а работава, сепак, е пресериозна за ваков арогантен пристап! – побарав некој од Македонија да му се јави на професорот (Иван) Ѓикиќ (од Институтот Гете во Франкфурт – нз.), да му ја објасни стратегијата што сега се спроведува кај нас (ама искрено) и од него да побара мислење и совет. Мислам дека е најпаметно тоа да го стори лично Филипче.

Најголем впечаток од тоа интервју со професорот Ѓикиќ мене ми остави една негова мисла, за ароганцијата со која политичарите во некои земји се обидуваа да се справат со кризата (Велика Британија, на пример). „Аргоганцијата – вели овој врвен научник – тука ништо не ви помага. Вирусот е мал. Тој е прост организам. Тој не може да ве разбере. Тој има природна потреба да се шири и ќе го прави тоа наспроти вашата ароганција“, пишува Героски во колумната што може да се прочита на овој линк.

SHARE