„ За тоа ли се воведе вонредна состојба? За да имаме една централна инстанца што ќе мисли како што ќе мисли и ќе одлучува како што ќе одлучува, а сите други беспоговорно да ја следиме, убедени дека сиот ум на планетава е сконцентриран баш во Македонија?

Простете, но тоа нема да помине“ пишува новинарот Бранко героски во денешната КОЛУМНА за „Плусинфо“ насловена „До кога со ова ‘танго на смртта’, до кога ќе се самозалажуваме“?

„…наместо и Македонија активно да се вклучи во глобалниот брејнсторминг на луѓето од светот на науката и на медицината, во кој се вклучени и медиумите, кај нас со денови се води и се поттикнува жестока кампања против масовното тестирање.

Истовремено, оправданите иницијативи за омасовување на тестирањата, согласно со светските искуства и со препораките на Светската здравствена организација, најдрско и најбезобразно се означуваат како „профитерство“ или како мешање на новинарите и на други лаици во нешто што не го знаат, нешто за што не смеат да формираат сопствено мислење.

Апелирам веднаш да престане таа груба и безобразна цензорска логика!

(…)

Сѐ уште се прави отпор кон брзите тестови што ги има кај нас, додека лекари од Клиничкиот центар и самите се тестираат со овие тестови (само за тоа не смее да се зборува јавно). Прашувам јавно – зошто?

Зошто ова лицемерие и оваа неразумност, луѓе мои?

Со денови се пружаше отпор кон апелите на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски градот да се стави под целосен карантин, за тоа конечно да се стори кога на Куманово веќе му се случи катастрофа. Прашувам јавно – зошто се чекаше? Затоа што Максо не е епидемиолог? Па излезе дека е попаметен од сите епидемиолози во земјава! Зошто се отфрлија неговите апели?

(…)

Секој ден пренесуваме информации од светот за тоа како други земји се справуваат со коронакризата. Се трудиме да ставиме акцент на позитивните примери. Но, упорно се игнорираат искуствата на најдобрите, на најорганизираните. Прашувам јавно – зошто?

Кој има штета од тие информации од кредибилни извори? Зошто се бара сите да замолчиме, да не мислиме со сопствените глави и само да слушаме што ни се кажува на прес-конференциите?

За тоа ли се воведе вонредна состојба? За да имаме една централна инстанца што ќе мисли како што ќе мисли и ќе одлучува како што ќе одлучува, а сите други беспоговорно да ја следиме, убедени дека сиот ум на планетава е сконцентриран баш во Македонија?

Простете, но тоа нема да помине!- предупредува Героски.

SHARE